Академик Беџети ќе бара одговорност од претседателот на МАНУ за „Македонскиот манифест“


Академик Абдулменаф Беџети, член на Претседателството на МАНУ, се оградува од Меморандумот насловен како „Македонски манифест“, зад кој вчера застана првиот човек на највисоката научна институција во земјава Љупчо Коцарев, заедно со ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски и поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, пишува „360 степени“. Тој уште вели дека ќе покрене внатрешна постапка за утврдување на одговорност на Коцарев.

„Не бевме воопшто консултирани како членови на Претседателството и за тоа Коцарев ќе одговара пред Собранието на МАНУ. Неговиот гест е многу нелогичен, ама не му е првпат. Нема никаква логика, во една секуларна држава, науката и религијата да прават вакви непринципиелни коалиции како што е коалицијата што овој пат ја направија првите луѓе на МАНУ, УКИМ и на МПЦ“, вели Беџети за „360 степени“ и нагласува дека православната верска заедница не е единствената во Македонија ниту е единствена во Уставот на државата.

Беџети вели дека ќе побара одговор од него кој го овластил во името на МАНУ да објавува манифести зад кои не стојат сите академици или органите на Академијата.

„Го почитувам Коцарев како научник, кој е беспрекорен во својата област, меѓутоа тоа не е исто со водење институција каква што е МАНУ“, нагласува Беџети.

Ректорот на УКИМ Никола Јанкулоски, пак, вели дека тој го потпишал Меморандумот како претставник на скопскиот универзитет, но за тоа вели дека добил „виза“ од Ректорската управа, која пред неколку дена утврди изјава во врска со загрозувањето на интеграцијата на С Македонија во ЕУ поради бугарското вето.

Јанкуловски вели дека иницијативата за оваа изјава дошла од неколку факултети на УКИМ, а на инсистирање на „360 степени“ да каже за кои факултети станува збор, вели дека мисли дека првиот предлог во таа насока бил од Машинскиот факултет.

Митрополит дебарско-кичевски и плаошки г. Тимотеј вели дека архиепископот г.г. Стефан го консултирал и дека тој се согласува со овој Меморандум.