АХВ потврди дека во скопската Зоолошка градина се нивни инспектори


Фото: Б. Грданоски

 Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за МИА потврдија дека во Зоолошката градина Скопје се нивни инспектори, но и дека исто така таму се изведуваат технички зафати. Засега не се соопштува која е причината за присуството на инспекторите во Зоолошката градина. 

АХВ најавува дека во текот на денот ќе ја информираат јавноста преку соопштение. 

Зоолошката градина во Скопје, пак, наведува во нивното известување залепено на самиот влез, дека причина се техничко оперативните работи. 

– Почитувани посетители, ве известуваме дека поради техничко оперативните работи, на ден 19.10.2024 година, сабота, Зоолошката градина за посетители нема да биде отворена. Ви благодариме за разбирањето, стои во известувањето на Зоолошката.

Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андонова за МИА вели дека до попладнево не добиле известување од Агенцијата за храна и ветеринарство дека има потреба нивни екипи да излезат на терен и да направат епидемиолошки анкети со вработените во Зоолошката градина. Тоа може да се случи само доколку болеста или, како што се прошири во јавноста, „птичјиот грип“ се пренесува на луѓе.

– Ние сме подготвени доколку е потребно веднаш да излеземе на терен, вели Андонова.

Инаку, претходно, повеќе медиуми јавија дека ЗОО Скопје е затворена поради сомневање дека кај гуските се јавил „птичји грип“. За тоа преку Фејсбук соопшти и поранешниот директор на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски кој на својот профил на фејсбук претпладнево напиша дека смртоносна бактерија „птичји грип“ е најдена во Зоолошката градина во Скопје.