Ахмети убеден дека ќе има уставни измени – ВМРО-ДПМНЕ спротивно од тоа
Се согласувам со изјавата на Али Ахмети дека договор со ВМРО-ДПМНЕ нема и јасно е дека мнозинство за уставните измени нема да има – реплицираше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, по вчерашното интервју за ТВ21 на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети кој изрази увереност дека уставни измени ќе има.
„Најчесто не се согласувам со Али Ахмети, но има една работа со која што ќе се согласам а тоа е во самото интервју кажа дека договор со ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени нема, како што и кажа дека ВМРО-ДПМНЕ уставни измени под бугарски диктат нема да гласа. Така што тоа е потврда и на нашиот став, нашиот став останува непроменет, јасно е дека во Собранието нема двотретинско мнозинство за изгласување на уставните измени, најдобриот излез од оваа политичка криза се предвремени избори“, вели Александар Николоски.
Ахмети во интервјуто за ТВ21 со оптимизам уверуваше дека седницата за уставните измени ќе продолжи во ноември и дека ќе се изгласаат измените на Уставот. Ахмети сепак во интервјуто му порача на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека треба да биде одговорен и да ги поддржи уставните измени.
Седницата за уставните измени по нејзиното прекинување на 18 август се уште не е продолжена. Расправата беше завршена и на неа треба да се случи гласањето за потребата за измена на Уставот. Инаку, уставните измени се услов за продолжување на патот кон ЕУ.