Ахмети разговарал со Мицкоски дали може да соработуваат по наредните избори


Али Ахмети и Христијан Мицкоски на една од претходните средби

Онака како што го овласти поширокото раководство на ДУИ Али Ахмети така и постапува: денеска се сретна со двајцата клучни играчи во политиката – и премиерот Зоран Заев и со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Од ДУИ потврдија за „Слободен печат“ дека Ахмети и Мицкоски се сретнале, но дека таа средба била „информативна за да се слушнат ставовите на господинот Мицкоски за Договорот од Преспа, новото име на државата и спорот со Бугарија“.  

Од ДУИ за „Слободен печат“ изјавиле дека „господинот Ахмети денеска имаше средба со господинот Мицкоски и на таа средба се разгледани главните програмски точки и дали во иднина можат да се поклопат тие на ДУИ со оние на господинот Мицкоски. Што се однесува за договорот од Преспа, го прифаќате или не? Новото име на државата, другото прашање е каква е визијата на господинот Мицкоски за проблемот со Бугарија, кој е клучен за да се отворат преговорите со ЕУ. Ова се точките кои отвораат можност за соработка со господинот Мицкоски или не во иднина, доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори“.

Средбата ја потврдиле и од ВМРО-ДПМНЕ.

Ако се гледа вордингот на изјавата од ДУИ тоа како да изгледа дека партијата на Ахмети веќе размислува дали би можела повторно да влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во некоја иднина.

Од ВМРО-ДПМНЕ поинаку ги оценија овие разговори од она што го соопшти ДУИ. Според извори од партијата, наводите на ДУИ за содржината на разговорите меѓу Ахмети и Мицкоски не се точни и оти дека тие двајца разговарале само околу прашањето за гласање доверба на Владата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека средбата се одржала на барање на Ахмети и траела околу половина час.