Ахмети пак се жали дека му е нарушено правото како победник да биде дел од власта
За „Европскиот фронт“, според Ахмети, неприфатливо е коалицијата која освоила помал број мандати да стане дел од владата
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска во име на „Европскиот фронт“ остро ги обвини албанските политички субјекти кои се очекува да бидат дел од идната влада дека го нарушиле легитимитетот на слободното гласање и на Охридскиот договор. За „Европскиот фронт“, според Ахмети, неприфатливо е коалицијата која освоила помал број мандати да стане дел од владата. Ахмети ги повика граѓаните да се приклучат на „Европскиот фронт“ во битката за почитување на легитимитетот на слободниот глас.
Али Ахмети денеска на прес-конференција од седиштето на партијата во Тетово, соопшти дека тие се легитимниот претставник на Албанците во државата, бидејќи на претседателските избори победиле со разлика од 40.000 гласови, додека на парламентарните со над 30 илјади гласови повеќе и, според нив, шест пратеници повеќе од Коалицијата „Вреди“.
„’Европскиот фронт’ победи во 20 општини во кои живеат и гласаат Албанците и другите заедници. ‘Европскиот фронт’ излезе како втора сила во државата, што се случи за првпат во историјата на земјата. Овие резултати беа прекршени и продолжуваат да се прекршуваат преку изборен инженеринг пред очите на целата локална, регионална и меѓународнa jaвност. Го започнуваме нашето патување за спречување на оваа мајоризација што ги оптоварува соживотот и демократијата и ги повикуваме граѓаните да ни се придружат во нашите напори за заштита на гласот, легитимитетот и духот на Охридскиот договор“, рече Ахмети, кој беше придружуван и од другите лидери на партии што се дел од „Европскиот фронт“.
„Охридскиот договор не се чита исто од сите политички или јавни кадри, ние не дозволуваме овој договор да биде прекршен. Луѓето нѐ прашуваат зошто гласаме кога некој друг одлучува за нашата волја и нашите определби… граѓаните нѐ прашуваат која е смислата на демократијата кога не се почитува легитимитетот, кога одлучува најголемата македонска партија. Ова нѐ враќа две децении наназад кога не се почитуваше слободната волја на заедниците. Легитимитетот е столбот на демократијата, затоа ја започнуваме битката за почитување на Рамковниот договор. Кога се почитува духот на Рамковниот договор општеството напредува, но кога не се почитува, се враќаме во други времиња кои колективно сме ги напуштиле“, рече Ахмети.
Одговорајќи на новинарско прашање какви мерки и активности ќе преземаат, Ахмети истакна дека во наредните денови целата јавност ќе бидат известени во наредните денови во консултациите со сите претседатели на партиите од коалицијата.
Во врска со тужбата од „Европскиот фронт“ на решението на ДИК за прегласувањето во општина Желино до Управниот суд, Ахмети очекува „правдата да ги земе предвид и да ги истакне непристрасноста и политичките договори што се направени за да се наруши легитимитетот стекнат на 8 мај 2024 година“.
Тој нагласи дека „Европскиот фронт“ и албанската опозиција во декември 2023 и јануари 2024 година потпишаа договор за да не влегуваат во владата без уставни измени и гаранција за продолжување на европскиот пат.