Ахмети немал контакт со Груби и не знае каде се наоѓа
Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети вели дека нема детални информации каде e Артан Груби, откако беше јавно повикан да каже каде се наоѓа по неговата вчерашна изјава дека е на албанска територија.
„Лично немам контакт со Артан Груби и немам детални информации каде актуелно се наоѓа. Мојата изјава во текот на вчерашниот ден е базирана на тоа што е јавно изјавено од претставници на Владата, но исто така и од фактот дека тој легално си ја поминал границата Македонија – Косово. Верувам силно дека секој граѓанин, вклучувајќи го и господинот Груби заслужува правичен и неселективен судски процес далеку од селективна апликација на правото“, изјави Ахмети за ТВ 21.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека се надева оти Обвинителството ќе го повика лидерот на ДУИ Али Ахмети кој, како што пренесоа вчера косовските медиуми, изјавил дека поранешниот вицепремиер Артан Груби се наоѓа на албанска територија и дека ќе се врати во земјава само ако нема одмазничка и селективна правда.
Од државното Јавно обвинителство денеска излегоа со информација дека за Груби е распишана национална и меѓународна потерница и дека домашните и меѓународните органи задолжени за извршување на тие наредби имаат овластување да ги преземат сите неопходни мерки вклучително и да повикаа други лица доколку тие имаат сознанија каде се наоѓа осомничениот.