Аеродромци сакаат титули дома, но и влез во елитата на Јадранот
МЗТ Скопје против Слобода од Тузла ја отвора сезоната во кошаркарската АБА2 лига. Откако лани несреќно загубија од Задар и не успеаја да се пласираат во најелитното клупско регионално натпреварување, аеродромци ќе се обидат годинава да ја освојат второлигашката конкуренција.
Сепак, тоа е полесно да се каже отколку да се направи. Свесни се за тоа и во МЗТ Скопје, од каде нагласуваат оти приоритет се трофеите во домашното првенство и купот.
„Со оглед на составот сме најдобра екипа во Македонија и ќе одиме на двојна титула. Во АБА 2 ќе биде потешко, бидејќи голем е квалитетот, а само едно место води во елитата. Јас како директор ги кажувам моите желби на тренерот. Сакам да играме брза и атрактивна кошарка со многу трчање. Затоа и составивме екипа со млади кошаркари кои можат да издржат силно темпо за време на натпреварите“, вели извршниот директор, Тони Грнчаров.
Првиот оперативец на клубот проговори и за начинот на кој ќе игра тимот од „Јане Сандански“.
„Моја желба е да играме брза и агресивна кошарка со добра одбрана и многу трчање. Знам дека е лесно да се каже, а потешко да се спроведе на терен. Тоа е модерна кошарка и мора да држиме до тоа за да имаме успех како тим. Воедно, мора да потенцирам дека имаме втора екипа која ќе игра во Првата лига, нешто што за првпат се случува мак-баскетот, а во која се собрани сите таленти од цела Македонија. Едно да играат пет минути, а сосема друго да играат цел меч. Ова е амбициозен проект за кој сум убеден дека ќе донесе резултат“, дополни Грнчаров.
Тренерот Ѓорѓи Кочов нагласи оти добрите игри во подготвителниот период не значат ништо, бидејќи допрва претстои вистинското.
„Мислам дека напредуваме како тим. Сепак, победите во подготвителниот период не значат ништо. Слобода Тузла е екипа составена од млади и талентирани кошаркари. Без разлика што ривалот вели дека ние сме фаворити, тоа ќе биде тежок натпревар“, изјави Кочов.
Со неговото тврдење се согласи и капитенот Дамјан Стојановски, кој најави голема борбеност во текот на сите 40 минути, бидејќи само така може да се дојде до посакуваниот триумф на стартот од сезоната во АБА2.
Мечот во салата „Јане Сандански“ е закажан за 19 часот.