Аеродром бара враќање на старите имиња на улиците
Советот на Општина Аеродром, на последната одржана седница, усвои иницијатива со која се бара од Советот на Град Скопје да донесе одлука за враќање на старите имиња на улици кои се наоѓаат на територијата на општината.
– Оваа иницијатива доаѓа по директно барање на граѓаните, откако во 2021 година, над 80 улици во Лисиче беа преименувани, велат од општина Аеродром.
– Со една непромислена одлука во март 2021 година, на предлог на Шилегов, се направи хаос во системот на имиња на улици, каде што повеќе од 80 улици во Лисиче беа преименувани. Искрено се надевам дека Советот на Град Скопје сериозно ќе ја разгледа оваа наша иницијатива и во најскоро време ќе донесе одлука за враќање на имињата на улиците, во интерес на жителите на овие улици, вели претседателот на Советот Дејан Митески.