Адвокат од Ресен злоупотребил податоци на починато лице за да продаде имот, заработи кривична пријава
Поднесена е кривична пријава за 60-годишен адвокат од Ресен, кој пред две години злоупотребил податоци на починато 94-годишно лице, за да продаде имот и на тој начин да се стекне со противправна имотна корист во износ од 2.273.965 денари.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против С.Т.(60) од Ресен поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „злоупотреба на исправа со невистинита содржина“.
– Во текот на 2022 пријавениот, адвокат од Ресен, со свој потпис и печат заверил два договори за купопродажба на недвижен имот, кои ги употребил при солемнизација пред нотар во Тетово, а притоа се потпишал и во графата продавач, за што употребил полномошно со невистинита содржина од 94-годишно лице, кое било починато пред повеќе од два месеци пред заверката, објаснуваат од МВР.
Изготвените договори и полномошно ги искористил, наведувајќи податоци од патна исправа, издадена од странска земја на име на починатиот.
– Исто така, договорот за купопродажба на недвижен имот од 14.07.2022, пријавениот го употребил за солемнизација на нотар и притоа навел податоци од патна исправа издадена од странска земја и употребил полномошно со невистинита содржина, а полномошник било починатото лице, велат од МВР.
Недвижниот имот, сопственост на наследникот на покојниот, пријавениот го отуѓил на трето лице и се здобил со противправна имотна корист во износ од 2.273.965 денари, исплатени на негова сметка.