Адеми жали за инцидентот, но ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека остваруваат странска агенда

Такви сцени не треба да се повторат ни од опозицијата, ни од кој било друг.


Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбер Адеми денеска изрази жалење за вчерашниот инцидент на седницата на комисијата и очекува ваквите ситуации да не бидат поттик за судир во Собранието.

– Пред сѐ, жалам за она што се случи синоќа на седницата на Комисијата за европски прашања и изразив жалење за сите оние сцени испровоцирани од опозицијата што се случија, а кои не требаше да се случат, вели Адеми во изјава за Слободен печат.

Такви сцени, додаде тој, не треба да се повторат ни од опозицијата, ни од кој било друг.

– Жалам за ваквите сцени и очекувам ваквите моменти и ситуации да не бидат поттик за судир во Собранието. Реформската агенда на ова парламентарно мнозинство, но и на Владата мора да продолжи, не смееме да станеме плен на нивните провокации кои се во функција на реализација на странски агенди за дестабилизација на државата но и за дефокусирање на граѓаните и на пошироката јавност од интеграциските процеси, рече Адеми.

Адеми нагласи дека пратениците од опозицијата се обиделе да го спречат гласањето за дневниот ред и оти имало насилство врз него. За целиот инцидент, според Адеми виновен е пратеникот Антонио Милошоски.

– Насилство имаше врз мене бидејќи јас бев на моето работно место. Сите пратеници имаат партиска агенда, но таа не смее да биде на штета на институциите и граѓаните. Додека го држев микрофонот на сила ми го зедоа и физички ме повредија. Овие сцени се за жалење, потенцира Адеми.