Адеми: Преговараме со Светска банка за подобри услови во основните училишта
Министерството за образование и наука е во преговори со Светска банка за подобрување на инфраструктурата на училиштата, како и за добивање надгледни средства за наставата, изјави денеска во Штип министерот Арбер Адеми. Колку ќе чини овој голем проект за основното обраозвание дополнително ќе се утврди.
-Ние сме во 21 век и недозволиво е во некое училиште се уште да нема микроскоп, да нема епрувети, географски карти. Така што работиме на системско решение, каде што ќе бидат опфатени сите основни училишта, каде што е навистина неопходно да се интервенира по примерот што го правиме во средните стручни училишта. Шест земјоделски училишта се опремени со трактори, плугови и се друго што им е потребно, изјави за медиумите Адеми, кој денеска во Штип присуствуваше на дебата за нацрт-законот за основното образование.
Тој истакна дека во учебната 2019-2020 година ќе го прошират и проектот за дуално образование во други општини, кој во моментов опафаќа 200 ученици од стручни училишта од Скопје, Кавадарци и Охрид. Смета дека проектот оди во добра насока.
Прашан дали ќе се зголемуваат платите на наставниците во основното и средното образование и каква е соработката со СОНК, Адеми оцени дека имаат исклучително добра соработка со СОНК, а очекува зголемувањето на платите да продолжи и во 2020 година. Оваа година со септемвриската плата наставниците од основното и од средното обарзование, а по подолг временски период и во високото образование, ќе добијат повисоки плати за пет отсто.
На новинарско прашање за реконструкцијата на Владата и кои се неговите очекувања, Адеми со став дека продолжува со неговата работа.
-Продолжуваме со нашата агенда, однапред планираме. Така што, за мене позначајно е лично да ги слушнам дискусиите на наставниците, на стручните соработници, на претставниците од локалната заедница. Продолжуваме со агендата, додаде Адеми.