Аца Лукас пеел во Кавадарци во локал за 200 луѓе, а имало 700
СДСМ соопшти дека приведувањето на српскиот турбо фолк пејач Аца Лукас во Кавадарци и одговорите на градоначалникот Митко Јанчев потврдуваат дека на концертот имало над 700 луѓе во локал кој по закон не смеело да има ниту 200.
„Ова значи дека и полицијата на Тошковски и општината на Јанчев знаеле за концертот, знаеле дека нема безбедносни услови тој да се одржи и ништо не презеле, дозволиле тој да се случи, а дури во текот на настанот да биде прекинат“, вели СДСМ во соопштение и поставува прашања до МВР, Панче Тошковски и Митко Јанчев:
„Зошто воопшто е дозволено настанот да започне и да влезат 700 луѓе кои со тоа се ставени во ризик од нова трагедија?
Зошто и покрај тоа што јасно ги прекршиле безбедносните протоколи организаторите и сопственикот на локалот не се повикани на одговорност?
Дали дискотеката ги запазила сите прописи, дали е регистрирана како ноќен клуб и кабаре, дали вака не е потенцијал за ново Кочани?
Дали ништо не научија МВР и Тошковски повторно дозволува да се случуваат ризични настани по безбедноста на граѓаните како оној во Кочани?“