Георгиев: Заев предизвика шок и го сврте тркалото, во партијата можни тивки тензии
Поранешниот потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев, вели дека на прв поглед, промените на сите нивоа во партијата изгледаат шокантно и без преседан во партиската историја, особено на некоја владејачка партија.
„Очигледна е намерата на Заев да предизвика шок во јавноста и на тој начин да го сврти тркалото во негова и во полза на партијата. Очекувам овие промени да бидат поздравени од (неопределената) јавност, додека во партијата се можни тивки тензии и незадоволства. Се разбира, Заев знае дека ова е само прво полувреме и дека следниот чекор е поставување кадри кои ќе ја задоволат необично ‘гладната’ јавност. Тоа е потешкиот дел од работата и на крајот граѓаните сумарно ќе ја ценат целава операција. Во секој случај, оставката на Павле Богоевски и завчерашните промени во СДСМ нудат силен преседан за сите други партии. Зборуваме за преседан кој нема да може да се пренебрегне тукутака“, коментира Георгиев за „Независен“.
Во неделната драматична ноќ во седиштето на СДСМ на „Бихаќска“, Заев ги разреши шесте потпретседатели (Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Петре Шилегов, Оливер Спасовски, Мухамед Зекири и Благој Бочварски), целиот Извршен одбор, генералниот секретар Александар Кирацовски, организацискиот Миле Зечевиќ, одговорниот за меѓународна соработка – Дане Талески, како и претседателката на Форумот на жени – Цветанка Ласкова.
Горан Адамовски