Дваесет средношколски бизнис-идеи во трка за еден милион денари


Дваесетте најдобри средношколски бизнис-идеи денеска ќе бидат презентирани пред стручно жири во големото финале на натпреварот за најдобра бизнис-идеја, во организација на Brainster Next College и NU High School Academy, со поддршка на Министерството за образование и наука.

По вчерашното полуфинале, на кое своите идеи ги претставија 60 полуфиналисти, најдобрите 20 обезбедија пласман во завршната фаза од натпреварот, во која ќе се борат за главната награда од еден милион денари.

Интересот за второто издание на натпреварот беше огромен. Пристигнаа над 630 бизнис-идеи од средношколци од цела Македонија, од кои 141 ја поминаа првата селекција, а во процесот на јавно гласање беа регистрирани околу 70.000 гласови.

Во денешното финале, учесниците ќе имаат по пет минути за презентација на својата бизнис-идеја и дополнителни пет минути за одговарање на прашањата на жирито. Покрај иновативноста на идеите, ќе се оценуваат нивниот пазарен потенцијал, одржливоста и можноста за реализација.

Целта на натпреварот е средношколците не само да добијат можност да ги претстават своите идеи, туку и да стекнат практично искуство во развивање бизнис-модели, тимска работа, аргументирање и презентирање пред потенцијални инвеститори.

Минатогодишниот победник, битолскиот тим Stay-Be со својата идеја „Систем 4“, покажа дека средношколските идеи имаат потенцијал да прераснат во реални бизниси, посочи основачот на Бреинстер, Петар Ниновски.

На вчерашното полуфинале присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која упати благодарност до раководството на Бреинстер Некст за поттикнувањето на младите и поддршката на нивната едукација, нагласувајќи дека соработката со образовните институции и приватниот сектор е важна за унапредување на образовниот систем.

Денеска ќе дознаеме која генерација млади претприемачи ќе го продолжи тој пат и која бизнис-идеја ќе добие поддршка од еден милион денари за својот развој.