ФИФА изложена на хакерски напад
Цирих – Светската фудбалска асоцијација беше погодена од сајбер напад, што резултираше со тоа што хакерите добија пристап до личните и професионалните податоци на организацијата, објавува„ The Record“.
-ФИФА најостро го осудува нелегалното стекнување и објавување на информации, особено лични податоци. Ваквите дејствија претставуваат сериозно и неприфатливо кршење на приватноста и можат да имаат значителни последици за засегнатите, се вели во соопштението на организацијата.
ФИФА соработува со органите за спроведување на законот. Хакерската група Handsome Boy Hacking Club пријави кражба на над 12 GB податоци и нивно објавување по неуспешен обид за изнуда. ФИФА не го потврди обемот на украдените податоци.
Според новинарот на „Sky Sports“, Роб Харис, хакерите не добија пристап до документи поврзани со неуспешниот проект „FIFA Forward Enterprise (FFE)“.
Во јули, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, предложи создавање компанија наречена „FFE“ за управување со комерцијалните права за турнирите на организацијата. Планот предвидуваше продажба на приближно 20 проценти од акциите на инвеститорите за 4,2 милијарди долари. По критиките, проектот беше стопиран.