Преку проект и со обуки ќе се смируваат навивачите
Во организација на Министерството за спорт и европските партнери на проектот ELEVATE-SS, во Скопје се одржува форумот „EVERY FAN MATTERS“, посветен на унапредувањето на пристапноста и инклузијата во спортот, со посебен фокус на фудбалот и искуството на навивачите со попреченост.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, во своето обраќање ја истакна заложбата за обезбедување соодветни услови за навивачите со попреченост.
– Проектот е насочен кон унапредување на инклузивноста во спортот со посебен акцент на создавање услови секој навивач да биде дел од спортските настани. Наша заложба е спорот да биде достапен за сите. Пристапноста на спортските објекти не подразбира само обезбедување соодветна инфраструктура, туку и создавање услови секој навивач без оглед на своите способности да може, самостојно, безбедно и достоинствено да присуствува на натпреварите. Преку проектот работиме на развој на современа, интерактивна и повеќејазична програма за обука на персоналот на стадионите. Обуките ќе овозможат персоналот на спортски објекти практично да научи како да постапува со навивачите со различни видови попреченост, обезбедувајќи поддршка, комуникација. Секој човек има право да ужива во спортот, да навива за својот тим и да биде дел од спортската заедница. Наша цел е да создадеме спортска средина во која различностите се почитуваат, еднаквоста се практикува, а пристапноста станува стварност, рече Ристовски.
На Форумот учествуваат претставници на проектните партнери, фудбалски клубови, лиги, национални спортски федерации, јавни институции, организации на лица со попреченост, експерти за технологија, како и заинтересирани за развој на подостапна и поинклузивна спортска средина.

Во рамките на програмата, со значајни придонеси од партнерите CampusAI и LTT Sports, ќе бидат претставени современи пристапи и технолошки решенија за подобрување на искуството на навивачите со попреченост, од пристапот до билети, превозот и безбедносните процедури, до пристапноста на трибините, угостителските услуги, итните ситуации и безбедното напуштање на стадионот.
Посебен акцент ќе биде ставен на примената на вештачката интелигенција, дигиталното учење и интерактивните аватари, кои се развиваат во рамките на проектот ELEVATE-SS како современи алатки за обука на редарите, безбедносниот персонал, службите за продажба на билети и персоналот задолжен за угостителски услуги на спортските објекти.
На форумот ќе бидат споделени и лични искуства и сведоштва на лица со попреченост и спортисти, со цел нивните реални потреби и предизвици да бидат во центарот на дискусијата. Дополнително, ќе бидат презентирани можностите што ги нуди DisTech (технологија за лица со попреченост) за отстранување на бариерите и создавање подостапни услови за следење спортски натпревари.
Проектот ELEVATE-SS е финансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+.