Кои се „другарите на Мицкоски“ што му се закануваат на Филипче?
„Порачајте им на другарите од Србија со кои сега спремате увоз на мазут да не ми се закануваат. Не се плашам“, изјави лидерот на СДСМ во обраќање до премиерот
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од собраниската говорница рече дека примал закани од, како што кажа, „другарите“ на премиерот Мицкоски. Тој ова го изјави откако постави пратеничко прашање до премиерот Христијан Мицкоски за влезот на Алта банка во Македонија.
„Моето директно прашање е со кого го направивте дилот за влез на Алта банка во државата“, праша Филипче, по што додаде: „Пред да одговорите, сакам да ви порачам – порачајте им на другарите со кои сега спремате увоз на мазут да не ми се закануваат. Другарите од Србија. Затоа што не ви се плашам. Не ви се плашам. Јас сум на страната на Македонија, вие сте на страната на криминалот“, рече Филипче.
Во одговорот, премиерот Мицкоски не се осврна на овој дел од излагањето на Филипче, освен што рече дека сегашната влада била насочена кон решавање на проблеми, а претходната била „дил ориентид“.
Инаку, во Македонија во тек е реализирање на тендер за набавка на мазут, за потребите на ТЕЦ „Неготино“ и на ТЕЦ „Осломеј“, за обезбедување доволно енергетски ресурси за претстојаната зима, кога потрошувачката на струја е најголема.
Според достапните податоци, во последните јавни повици на АД ЕСМ се бараат околу 45.000 тони мазут (45 милиони килограми) за потребите на ТЕЦ „Неготино“, со право на ЕСМ да ги зголеми или намали количините согласно потребите. Планирано е во првиот месец да се испорачаат околу 20.000 тони, а во вториот уште 25.000 тони. Испораката треба да почне најдоцна 48 часа по добивањето на писмената нарачка, со планиран железнички транспорт од пристаништето во Солун.
Проценетата вредност изнесува 2,62 милијарди денари со вклучен ДДВ (околу 42,6 милиони евра).
Сличен повик беше објавен и за набавка на масло за горење – мазут М-1 за потребите на РЕК „Осломеј“, со таа разлика што во ова термоелектрана, ова гориво се користи главно за потпалување и поддршка на согорувањето на јагленот.
Што се однесува до директното прашање за „дилот за Алта банка,“, Филипче во воведот обраќајки му се на премиерот Мицкоски со Христијан, му рече дека избрал да владее демагошки и макевијалистички, односно „да лажеш и да контролираш се“. Филипче ова го поткрепи со изјавите на Мицкоски за „нарачани текстови“, за „журката со Дејвид Гета“, за која биле потрошени 5 милиони евра, потоа за идентитетот и тн.
„Немој да ги лажеш граѓаните. Со тебе успех стана во Европа да добиеме бесплатен роаминг. Па, граѓаните сакаат слободно да се движат низ Европа, да патуваат, а не да чекаат со часови по граница. Сакаат да се дел од слободниот пазар од 500 милиони луѓе, а не да зборуваат бесплатно по телефон. Сакаат квалитетен живот“, рече Филипче, додавајќи дека наместо изјавите дека сме биле трета економија во Европа, всушност сме на дното сме по бруто-домашен производ по глава на жител, како и дека граѓаните се соочуваат со „неконтролиран вртоглав раст на цените, на сè“.
„Задолжување до бескрај. Неколку следни генерации се задолжени, за 50% е зголемен вкупниот долг на државата. Од 8 на скоро 12 милијарди евра. За што? За тековни трошоци“, додаде Филипче посочувајќи дека „во такви околности, во таква матна вода ја носите тука Алта банка“.
„Најкриминалната банка во Европа. Банката во која Вучиќ переше пари, и имаше пари од шверц на дрога, руски пари, забранети се секаде во Европа, а вие тука ги донесовте. Давор Мацура еднаш го запреле преку едната компанија, па после тоа сте го пуштиле да влезе тука преку банката. Што се случи меѓувреме? И после велите: ‘Увезен е проблемот’. Па да, па вие го увезовте тој проблем. Вие ги загрозивте парите на граѓаните, на компаниите и така натаму. И сега се бара некое решение. Па нели немаше проблем? Зошто се бара решение“, рече Филипче поставувајќи го прашањето со кого бил направен дилот за влез на Алта банка во државата?
Во одговорот, Мицкоски повторно се обиде да го анализира психолошки неговиот политички соперник, а во делот на економијата, меѓу другото рече дека и вчера во Брисел, каде што беше на настан посветен на ЕУ и Западен Балкан, ги прашувале и се чуделе, како владата успева толку долго да ги одржува цените на дизелот и бензините ниско, односно од 30 до 50 центи пониско.
„Сите прашуваат. Многу поразвиени земји од нашата“, рече Мицкоски, кој се осврна и на капиталните проекти, велејќи дека проектот „Бехтел и Енка“, односно коридорите 8 и 10-д е „криминален, и најлош проект за македонската економија“, повикувајќи го јавното обвинителство да го истражи, но дека сепак, мора да се заврши, а не да се остави како што тоа го направиле СДСМ со автопатот Кичево – Охрид.
Тој исто така рече дека има работи кои што се кажуваат надвор, а има и работи кои што се кажуваат дома.
„Да, мислам дека сте предавник, и вие и владата во која што бевте. Но, тоа нема да го кажам во Брисел, во Берлин, ќе ве бранам. Ќе мора да ве почитувам, бидејќи партијата ве избрала“, рече Мицкоски.
„Конечно, со кого сме го правеле дилот за Алта банка? Јас знам дека сте дил ориентид. Оваа влада епоинаква. Нема дил“, рече Мицкоски.