На самитот во Брисел ЕУ побара спроведување на Преспанскиот договор и тој со Бугарија. Мицкоски се согласи со тоа


 

Во декларацијата по самитот ЕУ-Западен Балкан на 25 ноември во Брисел Европската унија уште во нејзиниот прв дел уште еднаш ја нагласи важноста на спроведувањето на Преспанскиот договор со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија со добра волја и со опипливи резултати.

Македонија, т.е. премиерот Христијан Мицкоски,кој присуствуваше на самитот, ја прифати декларацијата, освен Србија, која не ни испрати претставник на самитот поради цајтнотот во формирањето на новите власти.

„Инклузивната регионална соработка, помирувањето и добрососедските односи остануваат клучни за градење заедничка иднина, како и спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, се вели во петтата точка од Декларацијата.

ЕУ бара натамошни напори за изнаоѓање и спроведување дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови, во согласност со меѓународното право.

Во рамките на самитот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дополнителна финансиска помош од ЕУ за Албанија, Црна Гора и Македонија во вкупен износ од 338 милиони евра, која ќе биде доставена во следните недели.

Во Декларацијата се вели дека европските лидери ја потврдија целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ, повикувајќи ги земјите од регионот да ги забрзаат реформите и да ги исполнат преземените обврски.

„Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Проширувањето претставува реална можност што треба да се искористи“, се вели во Декларацијата.

ЕУ најавува дека се разгледуваат дополнителни предлози за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан уште во текот на процесот на пристапување, под услов тие да се усогласат со релевантното европско законодавство и врз основа на сопствените заслуги.

Меѓу конкретните придобивки од постепената интеграција во единствениот европски пазар се и тековните активности за укинување на дополнителните трошоци за роаминг помеѓу ЕУ и Западен Балкан.