Македонија не беше спомената на самитот ЕУ-Западен Балкан
Главно станало збор за реформите и Планот за раст. Антонио Кошта поименично ги спомена само Црна Гора и Албанија
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на крајот од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел најави прераспределба на средствата од Планот за раст во корист на земјите кои најмногу напредувале во спроведувањето на реформската агенда.
„Кога станува збор за Планот за раст, многу ни е важно расположливите средства да ги ставиме во функција. Мораме да ја искористиме приликата, бидејќи парите постојат и треба да се вложат и да дадат резултати. Затоа планираме значителни средства да пренасочиме кон трите земји кои остварија најголем напредок во рамките на Инструментот“, изјави претседателката на Европската комисија на прес-конференцијата.
Иако не ги спомена имињата на земјите, извори од ЕУ неофицијално веќе потврдија дека дополнителни средства ќе добијат Црна Гора, Албанија и Северна Македонија. Црна Гора и Албанија плус 15 отсто, а Македонија како трета треба да добие 10 отсто. Станува збор за пари кои трајно ги загубија Србија, Косово и Босна и Херцеговина бидејќи не ги испочитуваа роковите за реформи.
Планот за раст за Западен Балкан е најамбициозниот финансиски пакет на ЕУ за регионот. Планот вреди шест милијарди евра, од кои две милијарди се неповратни средства, а четири милијарди поволни кредити, и треба на земјите од регионот да им го приближи единствениот пазар на ЕУ и да го забрза нивниот економски раст.
Во своето обраќање претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече честите средби во овој формат го одразува интензитетот на политичкиот ангажман на ЕУ со регионот. Денешниот самит ја потврди перспективата за членство на Западен Балкан во Европската унија.
„Мојата порака до сите партнери беше јасна: одржете го замавот и спроведете ги реформите што ќе ве доведат до Европската унија. Проширувањето е реална можност и таа треба да се искористи“.
Поименично тој ги спомена само Црна Гора и Албанија. „Напредокот постигнат од Црна Гора и Албанија докажува дека пристапувањето кон Европската унија не е илузија, туку реална можност за оние што се ангажираат“.
И им порача на сите други партнери од Западен Балкан можат „ако сакаат“ да остварат напредок на сопствените патишта кон пристапување.
Тој ги спомена добрососедските односи, регионалната соработа и помирувањето како клучни предуслови за пристапување кон Европската унија. „Очекувам понатамошен напредок во решавањето на билатералните прашања“, нагласи Кошта.
Европските лидери повторно ја потврдуваат целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ. Проширувањето во нацрт-декларацијата се опишува како реална можност што треба да се искористи и како геостратешка инвестиција во европскиот мир, безбедноста, стабилноста и просперитетот, пишува РСЕ.
Земјите од регионот се повикуваат да ги забрзаат одлучните и веродостојни реформи, особено во областа на темелните прашања, и да ги исполнат обврските неопходни за напредок на европскиот пат.
„Забрзувањето на пристапниот процес, засновано врз веродостојни реформи на партнерите, правична и строга условеност и принципот на сопствени заслуги, е во наш заеднички интерес“, се наведува во документот.
Лидерите на ЕУ го истакнуваат и значењето на посветеноста на земјите од регионот на европските вредности и принципи, во согласност со меѓународното право, приматот на демократијата, темелните права и владеењето на правото. Од нив се очекува таа посветеност да ја покажат со конкретни дела, односно со преземање одговорност и спроведување на неопходните реформи, особено во областа на темелните прашања и владеењето на правото.
Пред почетокот на Самитот, македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека очекува Европската комисија да го препознае напредокот на Македонија во спроведувањето на Реформската агенда и да обезбеди дополнителни средства во рамки на Планот за раст за Западен Балкан.
При пристигнувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, Мицкоски истакна дека Владата континуирано ги исполнува реформските обврски, нагласувајќи дека билатералните прашања не се дел од Реформската агенда.
Македонија останува посветена на конструктивниот дијалог, партнерството и активното учество во процесите што ја обликуваат нашата заедничка иднина, истакна Мицкоски по завршувањето на самитот.
Во изјавата Мицкоски вели дека очекувањата на владата се дека „и во овој декемврски извештаен период ќе бидеме најдобри во исполнување на целите од Реформската агенда“.
При доаѓањето на самитот Мицкоски рече дека уставни измени нема да има, а како главен предуслов за понатамошни разговори го наведе усвојувањето на Акцискиот план за малцинствата. А за понатаму ќе се види.
„Ние очекуваме да добиеме десет проценти зголемување од веќе добиените 750 милиони евра така што посветеноста останува. Ние сме тие кои зборуваме дека е доста од билатерализација, доста е од билатерални прашања, да зборуваме за заслуги, да зборуваме за учинок и ние како Македонија тоа го правиме и тука. Ќе се бориме за она што е наш аргумент, ќе се бориме за македонските граѓани“, потенцираше Мицкоски.
Состанокот продолжи со работна вечера.