Комерцијална банка предупредува на измамничка кампања со пораки по е-пошта, внимавајте


Комерцијална банка денеска предупреди дека е забележана измамничка кампања со испраќање пораки по е-пошта, при што испраќачот лажно се претставува во име на Банката.

Во пораките се испраќа лажно известување за недостапност на функции на платежната сметка, кое содржи линкови и повик за ажурирање податоци, појаснуваат од банката.

Од таму препорачуваат:

•Не кликајте на линковите и не отворајте прилози

•Не внесувајте лични податоци, кориснички имиња и лозинки, броеви од платежни картички, ПИН-ови и други сензитивни податоци.

•Доколку добиете ваква порака, веднаш избришете ја.

Со кликање на линковите или отворање прилози се изложувате на ризик од неовластен пристап до сензитивни податоци или инсталација на злонамерен софтвер на уредот, велат од Комерцијална банка.

„Доколку веќе сте кликнале и/или сте внеле податоци, препорачуваме ВЕДНАШ да ја смените лозинката и да се јавите на нашиот Контакт центар за техничка поддршка на +389 (2) 3296-800 (избери 2)“, апелираат од Комерцијална банка.