Автентични вкусови, домашни деликатеси и богата програма на петтото издание на Слоу Фуд салонот во Скопје


Оваа сабота, 28 ноември, хотелот Континентал ќе стане место на автентични вкусови, традиционални производи и на љубителите на добрата храна.
 Од 11 до 20 часот, таму ќе се одржи петтото издание на Слоу Фуд салонот, кое и годинава најавува ден исполнет со разновидни активности, нови сознанија, интересни разговори и многу поводи за уживање.
 
 
Производителите од сите конвивиуми на Слоу Фуд Македонија ќе ги претстават своите најдобри производи: млечни и сувомесни специјалитети, вкусна зимница, домашно сокови, производи од тартуфи, мед, маџун, маслиново масло, слатка, џемови и уште многу други деликатеси за љубителите на добрата храна.  Станува збор за автентични вкусови што враќаат во детство а посетителите ќе имаат можност да ги дегустираат и да ги купат.
Но, Слоу Фуд салонот е многу повеќе од продажна изложба. Посетителите ќе можат да проследат и богата едукативна и интерактивна програма. 
 
 
Најавени се мастер-клас за наградуваните вина на светските вински натпревари во 2026 година, мастер-клас за пивски стилови и дестилати, како и Слоу Фуд миксологија, преку која ќе бидат претставени интересни коктел-комбинации подготвени со пијалаци од Слоу Фуд производители.
Во рамките на Слоу Фуд Арена ќе се одржат панел-дискусии посветени на три актуелни теми:
“Кога искуството ги среќава новите трендови – здрава детска исхрана за сите”, „Обичаите како начин за воздигнување на храната и „Вишокот храна: одговорности и решенија“ .
Школа за одржлива гастрономија е уште една активност на Слоу Фуд салонот каде ќе биде презентирано производство на леб од кисело тесто и како се прави сирење со пририродно сирило.
На Слоу Фуд инфо-дескот посетителите ќе можат да се запознаат со Слоу Фуд фармите, а на Слоу Фуд ѕидот, интерактивен простор посетителите ќе имаат можност да остават свој белег преку омилен рецепт, кулинарска мисла или порака посветена на храната.
Програмата вклучува и семинар за младински активизам, посветен на идеите, иницијативите и енергијата на младите кои сакаат активно да придонесат за промени во системот на храна.
За најмладите посетители е подготвена посебна авантура во детското катче ” Не лути се, полжавче” каде што преку игра и забава ќе можат да го откриваат светот на храната.
И ова не е се, ќе има уште многу активности со кои посетителите на Слоу Фуд салонот ќе се запознаат на лице место.
Настанот го организираат Слоу Фуд Водно и Слоу Фуд Македонија, со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Шведска и We Effect.