Во ИНОФЕИТ отворена првата Енергетска жива лабораторија


Денеска, во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии, се отвори првата Енергетска жива лабораторија. Таа е воспоставена во рамки на проектот „Воспоставување Енергетска Жива Лабораторија во ИНОФЕИТ“, поддржана од Министерството за економија и труд преку јавниот повик за иновативни и колаборативни проекти поврзани со специјализација, зелена и дигитална трансформација.

„Вредноста на една жива лабораторија е во тоа што компаниите и истражувачите работат заедно уште од самиот почеток. Компаниите доаѓаат со конкретни потреби и податоци од своето работење. Потоа тимот на ФЕИТ, преку ИНОФЕИТ, ги развива и ги проверува можните решенија со мерења, симулации и тестирања во услови блиски до реалните услови во нивните погони“, рече управителот на ИНОФЕИТ, проф. д-р Димитар Ташковски.

Тој објасни дека лабораторијата веќе е оперативна за стопанството и се користи и за истражувачка работа на студентите на ФЕИТ. Во рамки на пилот проект на УКИМ, во европскиот проект INITIATE, е формирана истражувачката група за паметни енергетски системи.

„Отворањето на лабораторијата е уште еден важен чекор во зајакнување на врската меѓу науката, образованието и стопанството. Нејзината посебна вредност е во тоа што е замислена како отворена платформа во кој се среќаваат истражувачите, инженерите и компаниите, се тестираат нови решенија во реални услови и се развиваат иновации со директна примена во индустријата“, рече проф. д-р. Владимир Атанасовски, декан на ФЕИТ.

Концептот на жива лабораторија подразбира отворен иновациски еко-систем во реално опкружување, пристапен на академската заедница, индустријата, јавниот сектор и граѓаните. Сите тие треба да ја користат енергетската жива лабораторија. Разликата меѓу живата и традиционалната лабораторија е во тоа што во живата лабораторија средината е динамична, се менуваат условите за работа и средината не е контролирана. Оваа енергетска лабораторија учи со секој нов проект. Затоа, подразбира ко-креирање иновации од страна на корисниците, да се врши тестирање, евалуација и заклучоци во имплементирање на живата лабораторија.

„Но она што ја прави оваа лабораторија навистина жива не е само опремата и технологијата, тоа се луѓето, идеите, соработката и можност да се испроба технологијата, да се подобри и да се потврди во реални услови. Оваа лабораторија треба да биде место каде компаниите може да ги тестираат своите решенија, истражувачите да ги развиваат и валидираат новите технологии, студентите да стекнуваат практични знаења и искуства“, рече деканот Атанасовски.

Со поддршка на овој проект уште еднаш на дело ја покажавме нашата заложба за поддршка на домашните компании во зголемување на нивната конкурентност, раст и развој, заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

„Еден од клучните фактори во овие процеси е воспоставување соработка и партнерство со науката, каде што се овозможува трансфер на знаење, технологии, заедничко истражување и заеднички иновации. Со носење на Стратегијата за паметна специјализација, во фокус е ставен развојот на приватниот сектор преку зголемена соработка со академијата во насока на пренос на знаење, заеднички проекти за истражување, развој и иновации“, рече Ристески.

Министерството за економија и труд финансиски го поддржа проектот „Воспоставување на Енергетска жива лабораторија во ИНОФЕИТ“ со 50% од средствата или околу 50.000 евра преку Јавниот повик од 2024 година – Мерка за поттикнување иновативни колаборативни проекти поврзани со паметна специјализација, зелена и дигитална трансформација во четворен хеликс.

„Оваа лабораторија од денес е на располагање на бизнис-заедницата, каде што ќе можат да ги користат капацитетите на лабораторијата и Факултетот за зголемување на нивната конкурентност, преку користење на современи дигитални алатки да обезбедат енергетска и зелена транзиција, како и подобрени капацитети за настап на европските и светските пазари“, рече Ристески.

Лабораторијата, развиена од ФЕИТ и ИНОФЕИТ, во соработка со домашни компании (Интебако, Хас Инженериг и Серафимовски Тек), овозможува развој и тестирање на решенија за паметно управување со енергија, користење обновливи извори, складирање енергија и енергетска ефикасност.