Ќе се носат специјални закони за станови за млади брачни парови, вели Мицкоски
Премиерот денеска ги потврди неговите изјави дза помош на младите брачни парови кои сакаат да купат стан или д градат куќа и рече дека целиот проект ќе се реши со специјални закони.
„Најверојатно ние ќе одиме со два специјални закони во парламентот, коишто веќе се работат. Министерството за транспорт и мојот кабинет ги работат законите. Со првиот закон брачните парови до 35 години ќе добијат право, односно ќе се стекнат со право да добијат станбен простор којшто ќе биде по цена од 20 отсто пониска од онаа просечната, пазарната во таа катастарска општина во претходната година.
Утрово разговарав и со директорот на Катастарот, тие изготвуваат таков тип на анализа, за третиот квартал е завршена. Го задолжив да во текот на денот ме информира каква е состојбата во првите три квартали од годината со катастарските општини онаму каде што има продадено новоградба на станбени единици и од тоа ќе можат потоа граѓаните, односно оние коишто ги исполнуваат условите согласно критериумот да си прават калкулации, планови.
Вториот специјален закон е оној закон во којшто општините на овој профил брачни парови нема да наплатат комуналии за изградба на куќа. Голем дел од градоначалниците ми се јавуваат со идеи дека имаат неколку хектари земја која сакаат да ја урбанизираат, да ја парцилизираат, да ја понудат по 1 евро за ваков профил на брачни парови“, рече премиерот Мицкоски на настан во скопската општина Бутел“.