По 42 години, основното училиште „Ацо Шопов“ во Радишани доби надградба
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски денеска заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование Весна Јаневска, пратеничката Каролина Насковска и директорката Билјана Симоноска Антовска, ја пуштија во употреба новоизградената надградбата на ООУ „Ацо Шопов”.
„Ова е посебен историски ден за сите нас, а особено за населба Радишани. Изградивме нов модерен објект за надградба на ООУ „Ацо Шопов” во кое настава посетуваат над 800 ученици“, истакна Костовски.
Новиот објект се протега на 400 метри квадратни. Составен е од четири нови училници, со модерен хол, тоалети и сите други неопходни простории.
„Оваа надградба е доказ за посветеноста на нашата општина за обезбедување на најдобри услови за нашите деца. Како градоначалник, ветив дека ваквите капитални инвестиции ќе бидат приоритетни и тоа го исполнуваме пред граѓаните на мојта општина“, посочи Костовски.
Инвестицијата од 37 милиони денари обезбедени преку буџетот на Министерството за
образование и наука ќе овозможи во училиштето да се запишат дополнителни 100-тина
ученици од оваа општина.
„Потребата за проширување на капацитети беше реална и како Влада, како Министерство во соработка со локалната самоуправа, тоа го овозможивме. Во објектот ќе се одвива целодневна настава за учениците од прво до трето одделение“, рече Јаневска.
Додаде дека интенцијата на Владата е да го прошири концептот на едносменско работење и целодневна настава во што повеќе училишта во Македонија, заради бројните придобивки – поголема социјализација на децата, поголема концентрација за време на часовите наутро, повеќе наставни и воннаставни активности, а се намалуваат и трошоците за работа на училиштата.
Од вкупно 1023 училишни објекти во земјава, повеќе од 620 работат во една смена. Во моментов, Министерството за образование и наука реализира 20 проекти за проширување на капацитетите на училишта заради воведување на овој концепт на работа во повеќе општини.