Лондон воведе нови санкции против Хутите поради „обновена агресија“
Лондон – Обединетото Кралство објави нови санкции против милитантната група Хути, поддржана од Иран, и четворица нејзини високи функционери поради „обновена агресија“ на Блискиот Исток.
Министерството за надворешни работи соопшти дека „безобѕирните“ акции на јеменските бунтовници во теснецот Баб ел-Мандеб, клучен поморски пат, придонеле за нарушување на глобалните синџири на снабдување и ги зголемиле трошоците за живот со кои се соочуваат британските домаќинства.
Забраните за располагање со имот и замрзнувањето на патувањата исто така ќе бидат насочени кон лица осомничени за вмешаност во сериозни кршења на човековите права во Јемен, вклучително и тортура и понижувачки третман на затвореници во земјата, соопшти министерството.
– Обновената агресија на Хутите насочена кон нашите партнери и невини цивили е неприфатлива и тие мора да бидат повикани на одговорност – изјави британскиот министер за надворешни работи, Ед Милибанд.
– Оваа влада денеска презеде чекори за да го направи токму тоа. Нема да стоиме настрана додека групи како Хутите преземаат акции што ги зголемуваат трошоците за живот на британскиот народ, истовремено намерно обидувајќи се да ја поткопаат стабилноста на Блискиот Исток – додаде тој.
Министерството за надворешни работи соопшти дека организациите и поединците санкционирани во вторникот ги вклучуваат:
Хутите, поради наводна вмешаност во активности што „ги загрозуваат мирот, безбедноста и стабилноста на Јемен, вклучително и ескалација на конфликтот во Јемен, напади врз меѓународниот поморски сообраќај во Црвеното Море и Аденскиот Залив, како и ракетни напади и напади со дронови против регионалните партнери“.
Абдулкарим Амир ал-Дин Хусеин ал-Хути, министер на Хутите одговорен за полицијата, безбедносните сили и притворските центри, во чиј притвор затворениците наводно биле подложени на тортура и друг суров, нечовечки или понижувачки третман, вклучувајќи електрошокови, тепање и сексуално насилство.
Абдул Хаким Хашем Али ал-Кајвани, шеф на безбедносната и разузнавачката служба и поранешен заменик-министер за внатрешни работи.
Мохамед Муфлех, судија во Јемен кој е обвинет за вмешаност во „сериозно кршење на правото на поединецот на слобода и лична безбедност“.
Сарим ал-Дин Муфадал, обвинител за кого Министерството за надворешни работи вели дека е „основано осомничен оти директно извршил, или свесно дозволил или премолчено одобрил, сексуално насилство вклучувајќи силување, тортура и друг суров, нечовечки или понижувачки третман на притворени жени“.