Руте за европска армија: Додека постигнеме договор, Путин веќе ќе стигне до Ротердам
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека формирањето на обединета европска армија би можело да биде штетно во случај на руски напад, бидејќи координирањето на дејствијата меѓу Алијансата, националните војски и европските сили би одземало премногу време.
Руте ги изнесе овие ставови на 72-рата годишна седница на Парламентарното собрание на НАТО во Берлин. Тој појасни дека не се противи на создавањето европска армија, но сугерираше дека, доколку таква иницијатива се реализира, би имало смисла да се укинат националните војски на земјите-членки на Европската унија, за да се избегне преклопување на надлежностите.
„Мојот став отсекогаш бил дека, ако имате европска армија, не можете истовремено да имате и национални војски. САД имаат една војска. Не постои посебна армија или морнарица за државата Њујорк или Калифорнија. Постојат обединети, интегрирани вооружени сили на САД. Ако Европа може да го постигне тоа – во ред“, рече Руте, изразувајќи притоа скептицизам дека таков развој на настаните би можел да се случи во скоро време.
За да го илустрира својот став, Руте претстави хипотетичко сценарио што вклучува руски напад врз европските земји – ситуација во која би требало да реагираат силите на НАТО, националните војски, како и евентуалните заеднички вооружени сили на ЕУ.
Тој процени дека постигнувањето договор за воените одлуки би траело со недели, период во кој руските сили би можеле да напредуваат сè до Холандија.
„Она што не би го препорачал е секоја земја да одржува сопствена војска, соработувајќи во рамките на НАТО, а покрај тоа, да постои и голема европска воена структура. Ако Путин нападне, ќе ни требаат две-три недели само за да се договориме кој што ќе прави, а тој веројатно ќе стигне до Ротердам уште пред ние да донесеме одлука. Тоа е мојот аргумент“, изјави генералниот секретар на НАТО.
Руте додаде дека, според него, сегашното ниво на координација и поделба на одговорностите меѓу НАТО и Европската Унија е многу добро.