Кина почна пилот-тестирање на 6Г технологијата во осум региони
Кина денеска почна координирано пилот-тестирање на технологијата 6Г во осум региони, со цел да го забрза нејзиниот развој, примената во индустријата и комерцијализацијата, во време кога глобалниот процес на усогласување на стандардите за мобилни комуникации од новата генерација влегува во клучна фаза.
Програмата ја започна кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија на Конференцијата за развој на технологијата 6Г за 2026 година во Шангај. Таа ги опфаќа Пекинг, Шангај и провинциите Хебеј, Џангсу, Џеџијанг, Анхуеј, Хубеи и Гуангдонг – објави денеска кинеската државна телевизија ЦЦТВ.
Според временската рамка претставена на конференцијата, се очекува првата верзија на меѓународните стандарди да биде објавена во првата половина на 2029 година, додека комерцијалната примена би можела да стане изводлива околу 2030 година, објави порталот „Чајна њуз“.
Меѓу приоритетните области на програмата се развојот на индустриите поврзани со технологијата 6Г, вклучително и терминалните уреди од новата генерација, клучните чипови и компоненти, мерните инструменти и сателитскиот интернет. Предвидено е и забрзување на развојот на примената на технологијата во областите на имерзивните комуникации, индустриското производство, економијата на мали височини и поморската економија.
Ванг Пенг, соработник-истражувач во Пекиншката академија за општествени науки, изјави за весникот „Глобал тајмс“ дека програмата би можела да го забрза преминот на технологијата 6Г од лабораториските истражувања кон практична примена. Тој нагласи дека поблиската меѓународна координација во утврдувањето на стандардите е од клучно значење за индустријата за мобилни комуникации, во период кога глобалниот процес на стандардизација влегува во одлучувачка фаза.
Истовремено со почнувањето на пилот-програмата, во Шангај беше претставена декларација за заедничка визија за глобалниот развој на технологијата 6Г, со која се повикува на воспоставување единствени меѓународни стандарди, отворена индустриска соработка и одржливи иновации.
Во декларацијата се дефинирани пет основни принципи за развој на технологијата 6Г: интегрирана вештачка интелигенција, еколошка одржливост, безбедност и доверливост, отворена соработка и развој заснован на иновации. Документот се залага и за посилно поврзување на комуникациските технологии со вештачката интелигенција, сензорските системи и компјутерските технологии, како и за унапредување на соработката меѓу копнените и сателитските мрежи.