Европски компании бараат од лидерите на ЕУ да не ги намалуваат средствата за конкурентност


Група од повеќе од 75 европски компании и индустриски здруженија упатија писмо до лидерите на Европската унија, барајќи од нив да не ги спроведуваат предложените намалувања на средствата за „Европскиот фонд за конкурентност“.

Меѓу потписниците на писмото се француската енергетска компанија „ЕДФ“, производителот на батериски ќелии за електрични возила „ПауерКо“ (PowerCo) и неколку стартап-компании. Тие наведуваат дека фондот е неопходен за обезбедување инвестиции за проширување на бизнисите, што претставува постојан предизвик во рамките на ЕУ.

Според нив, фондот може да придонесе и за намалување на зависноста на Европа од увозот на енергенси.

Наместо намалување на средствата, деловната групација ги повика лидерите на ЕУ да го поддржат предлогот на Европскиот парламент за зголемување на „Европскиот фонд за конкурентност“ за 26,6 милијарди евра. Значителен дел од дополнителните средства би бил наменет за декарбонизација на индустријата и зелената транзиција.

Во писмото се нагласува дека фондот е од клучно значење за Европската унија да може да ги достигне САД и Кина во областа на конкурентноста.

Лидерите на ЕУ в четврток ќе се состанат на самит во Брисел, посветен на буџетот на Унијата за периодот од 2028 до 2034 година.