Климатскиот самит пропадна. Имаат ли иднина преговорите за климата?

Отсуството на договор на самитот во Анталија беше лош исход, но некои видоа позитивен аспект во одбивањето на мнозинството да прифати слаб договор


Претседавачите, Турција и Австралија, не успеаја да доведат до успешен крај на климатскиот самит КОП31

 

Колапсот на преговорите COП31 во Турција во неделата, кои завршија без политички договор, ги остави исцрпените преговарачи да се прашуваат за иднината на процесот што три децении ја предводи глобалната борба против климатските промени.

За малите, ранливи земји – кои се најизложени на порастот на нивото на морето и на сè поекстремните временски услови, за кои научниците сметаат дека се поврзани со зголемените емисии на јаглерод – годишните конференции на ОН се можност да го насочат вниманието на светот кон својата тешка положба и да побараат финансиска помош.

Сепак, неуспехот на преговорите во Турција – кој доаѓа по слабите резултати на другите конференции КОП во последните години – јасно укажува на потребата од промени.

Андрес Мартин Гаридо Санчез, директор за животна средина во Министерството за надворешни работи на Перу, изјави дека „кредибилитетот на процесот“ е доведен во прашање.

„На овој систем му се потребни длабоки реформи“, рече тој.

Сајмон Стил, шефот на ОН за климатски прашања, кој ја претставува Конвенцијата на ОН врз која се темелат меѓународните климатски преговори, изјави дека системот заснован на консензус сè уште може да функционира, но дека е потребна дополнителна работа.

„Презедов чекори за вклучување надворешни експерти и авторитети кои ќе дадат совети за областите каде што се можни реформи. Тоа е нешто за што ќе се залагам со голем ангажман по нашето заминување од овде“, рече тој при завршувањето на преговорите во неделата.

Предложениот договор „не беше на висина на задачата“, изјави ирскиот министер за животна средина, Дара О’Брајан, говорејќи во име на ЕУ. „Нема да поддржиме одлука што не ги зема предвид научните сознанија и која, всушност, ризикува дополнително да го продлабочи јазот меѓу глобалните заложби и неопходните дејствија. Во него дури и не се спомнуваат фосилните горива“.

Мурат Курум, претседавачот на конференцијата КОП од страна на Турција, потврди дека не е постигнат договор за нацрт-текстот на „општата одлука“, поради што тој не беше усвоен.

„Направивме сè што е во наша моќ; на крајот на краиштата, никому не му го наметнавме овој текст, ниту пак поставивме ултиматум од типот ’земи или остави‘“, рече тој. „Јасно е дека во оваа сала има страни кои се противат на овој текст. Констатираме дека не постои консензус за овој документ. Затоа, овие одлуки не се усвоени“.

Три децении во потрага по глобално решение

Две значајни достигнувања на климатската дипломатија на ОН се Протоколот од Кјото од 1997 година – кога светот за првпат се договори за правно обврзувачки цели за намалување на емисиите на штетни гасови – и Парискиот договор од 2015 година, со кој се постави цел глобалното затоплување да се ограничи на најмногу 1,5 степени Целзиусови.

Главната разлика меѓу Париз и Анталија е во тоа што во 2015 година САД сè уште беа вклучени во климатскиот процес.

Преговорите во Анталија – први по објавувањето на извештајот на ОН во кој се наведува дека светот е на пат да ја надмине границата од 1,5 степени Целзиусови (праг што може да спречи најтешки последици од затоплувањето) – претставуваа втора климатска конференција откако американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од климатскиот процес на ОН.

Кина, најголемиот светски емитер на јаглерод, но истовремено и клучен дел од решението како добавувач на технологија со ниски емисии, учествуваше на преговорите, но се обиде да остане во втор план. Џејмс Флечер, кој ја предводеше групата карипски нации КАРИКОМ во Анталија, како голем проблем го наведе отсуството на некоја голема сила која би поддржала позитивен исход.

„Не постои страна со доволен авторитет која би можела да ги приближи учесниците чии ставови се можеби многу оддалечени“, рече тој.

Сепак, делегатите истакнаа дека потребата од мултилатерален договор за насочување на транзицијата кон обновливи извори на енергија станува сè помала, бидејќи обновливите извори на енергија стануваат економски сè попривлечни.

На пример, само минатата година, кинескиот извоз на технологии за чиста енергија ќе му помогне на „Глобалниот југ“ да избегне емисија на 257 милиони метрички тони јаглерод диоксид годишно (откако овие технологии ќе бидат ставени во употреба) – количина што е еднаква на вкупните емисии на Франција. Ова се наведува во анализата на Лаури Миливирта, коосновач на Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух, со седиште во Хелсинки.

Како резултат на тоа, деловниот свет е помалку зависен од конференциите КОП при носењето одлуки за инвестирање.

Дел од учесниците на самитот во Анталија протестираа поради неговиот колапс

„Претходно постоеше загриженост за тоа како овие одлуки (од КОП) би можеле да влијаат на инвестициските сигнали“, изјави Крис Додвел, ко-раководител на центарот за одржливост во „Impax Asset Management“.

„Мислам дека тие веќе немаат такво влијание… економските фактори презедоа примат и ја поттикнуваат транзицијата“.

И иако отсуството на договор беше лош исход, некои видоа позитивен аспект во одбивањето на мнозинството да прифати слаб договор.

Блокадата на производителите на нафта

Одлучноста на големите производители на нафта, предводени од Саудиска Арабија, да го блокираат вклучувањето на одредби за фосилните горива, всушност го одразува обемот на постигнатиот напредок.

„Фактот што тие толку многу работи блокираат, исто така покажува дека ние ја забрзуваме транзицијата“, изјави Матијас Фрумери, главен преговарач на Шведска.

„Тие гледаат во која насока се движат работите, а ова е форумот каде што можат да ја изразат својата фрустрација“.

Во меѓувреме, владите со слични ставови се фокусираа на помали групи за да постигнат конкретни резултати. Тие формираа сојузи за заеднички да се залагаат за побрзо намалување на емисиите, како и за мобилизирање финансиски средства, иницијативи во шумарството и програми за енергетска ефикасност.

Меѓу таквите форуми се Конференцијата за транзиција кон напуштање на фосилните горива (ТАФФ), Иницијативата за зелени мрежи, Глобалното ветување за метанот и Сојузот за иднина без нафта и гас.

„Постои зголемен интерес за тоа како можеме да соработуваме – не преку консензус, туку преку коалиција на актери кои се подготвени заеднички да дејствуваат“, изјави Маина Талија, министер за климатски прашања на Тувалу, земја која следната година ќе биде домаќин на TAFF. Како низинска островска нација во Пацификот, Тувалу особено се залага за брзи мерки за справување со климатските промени.

Тој наведе дека очекува претставници од околу 90 земји, меѓу кои Велика Британија, Мексико и Нигерија.

Фиџи, уште една островска држава во Пацификот, изрази големо незадоволство од процесот КОП.

„Исцрпувачки, фрустрирачки и разочарувачки е кога доаѓате година по година, а нема никаков напредок“, изјави Линда Табуја, министерка за климатски прашања на Фиџи.

Многу земји, вклучително и ЕУ, Обединетото Кралство и земји во развој – меѓу кои и мали островски држави и некои од најсиромашните нации – изјавија дека не можат да го поддржат „Пактот од Анталија“, кој требаше да биде главниот исход од конференцијата КОП.

Во драматично обраќање, О’Брајан, во име на ЕУ, изјави дека Унијата не може да го прифати конечниот текст во неговата сегашна форма. „Ова не одговара на сериозноста на моментот… Нема да поддржиме одлука или ’Пакт од Анталија‘ во кој воопшто не се спомнуваат фосилните горива, кои се главниот двигател на климатските промени.“ Тој додаде дека ЕУ нема да прифати одлука што служи за „зелено перење“ (greenwashing) на фосилните горива.

Неговото обраќање беше проследено со аплауз во салата, а подоцна и со слични забелешки од страна на Панама, Маршалските Острови и Норвешка.

„Ова изгледа како клучен момент на одлучување – ’црвена линија‘. Земјите им се спротивставуваат на интересите поврзани со фосилните горива и велат ’не‘“, изјави Бил Хеар, извршен директор на советодавната група „Climate Analytics“.

Речиси 200 земји се состанаа во Анталија, каде што две недели, под заедничко претседавање на Турција и Австралија, водеа преговори. Разговорите се одолговлекоа, а често доаѓаше и до целосен застој бидејќи земјите не успеваа да најдат заеднички јазик.

Климата се влошува, интересите стануваат себични

Копретседавачот на КОП, австралискиот министер за климатски промени Крис Боуен, застана во одбрана на своето раководење. „Австралија даде сè од себе“, рече тој, додавајќи дека „црвените линии“ за кои претседавачите се обидувале да преговараат, се покажале како „непремостливи“.

Иако оваа година екстремните временски услови ширум светот се влошија – однесувајќи десетици илјади животи преку топлотни бранови, катастрофи како уривањето на глечер во Непал, како и суши и поплави засилени од екстремниот феномен Ел Нињо – бавното темпо на климатските преговори ги шокираше дури и најискусните учесници.

„Не постои чувство за итност во решавањето на овие прашања. За мене, тоа е крајно фрустрирачки“, изјави Мери Робинсон, поранешна претседателка на Ирска и поранешен пратеник на ОН за климатски прашања, додека преговорите се приближуваа кон својот неславен крај. „Имаме копретседавачи кои, всушност, не презедоа иницијатива и не покажаа вистинско лидерство“.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави: „Длабоко сум разочаран што КОП31 заврши без консензус за сеопфатен исход. Ја споделувам длабоката фрустрација на сите оние кои очекуваа владите да одговорат на предизвикот што го наметнува климатската криза. Но, овој неуспех не ги менува фактите. Можеби нема консензус во преговарачката сала, но во науката нема никаква двосмисленост“. (Според агенциите)