Хаким Џефрис: Ставањето крај на безобѕирната и скапа војна во Иран ќе биде приоритет за Конгресот
Лидерот на Демократската партија во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Хаким Џефрис, изјави дека ставањето крај на „безобѕирната и скапа војна во Иран“ ќе биде приоритет за новиот американски Конгрес, во кој демократите од јануари ќе имаат мнозинство.
Џефрис за телевизијата Си-би-ес (CBS) рече дека „демократите се посветени на спроведување храбри и значајни промени што ги бара американскиот народ“.
– Постојат неколку работи што планираме да ги направиме многу рано во новиот Конгрес. Мораме да ставиме крај на оваа безобѕирна и скапа војна во Иран, која доведе до вртоглаво зголемување на цените на горивата, храната и дизелот. Мораме да се позанимаваме со царините на Трамп, кои исто така ги зголемија трошоците за обичните Американци за илјадници долари годишно – кажа Џефрис.
Според последните информации, демократите на изборите на средината на мандатот на 3 ноември освоија мнозинство од најмалку 258 места во Претставничкиот дом на Конгресот на САД, од вкупно 435 места, што е најголем број места што таа партија ги освоила од 1992 година.
Републиканците на американскиот претседател Доналд Трамп досега обезбедија 173 места во Претставничкиот дом, а во уште четири изборни окрузи во Тенеси, Минесота и Луизијана конечните резултати сè уште не се прогласени.
Новиот Конгрес ќе го почне својот мандат во јануари.