Багеи: Иран може брзо да ја обезбеди безбедноста во Ормускиот Теснец ако САД ги исполнат условите на Техеран
Иран може брзо да ја воспостави безбедноста во Ормуската Теснина доколку САД ги исполнат условите што ги постави Техеран, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи.
Одговарајќи на прашање за наводите дека пловниот пат би можел целосно да биде повторно отворен во рок од два часа, Багаеи рече дека Техеран може „многу брзо да дејствува“.
„Иран останува доследен на почитувањето на своите обврски и ќе ги исполни во најкус можен рок, под услов другата страна да ги исполни соодветните услови“, изјави Багаеи.
Тој додаде дека Техеран „знае кои се неговите цели и кои се правата на иранскиот народ“ и оти „нема да се откаже од одбраната на тие права“.
Осврнувајќи се на средбата на претседателите на САД – Доналд Трамп, на Русија – Владимир Путин и на Кина – Шји Џјинпинг во Шенжен, Багаеи рече дека Иран ги смета и Русија и Кина за пријателски земји и дека имало контакт со двете држави „пред и по средбата“.
„Уверени сме дека на ваквите состаноци, една од грижите на секоја земја се политиките на САД, нивното еднострано дејствување и катастрофалните последици што ги предизвикале. Одлуките за Иран не се носат никаде на друго место освен во Техеран“, истакна Багаеи.
Во врска со поморската блокада на САД кон Иран, по што следуваше иранска блокада на Ормуската Теснина за сите земји што Техеран ги смета за непријателски, Багаеи рече дека Иран „нема да го толерира тоа“ и дека ќе ги искористи сите средства за да се спротивстави на американската агресија.
„Она што се претставува како поморска и економска блокада претставува пример за злосторство против Иран. Санкциите што ги воведоа во последно време се прекршување на членот 2, став 4 од Повелбата на Обединетите нации“, изјави Багаеи.