„Фајненшел тајмс“: Вучиќ вршел директен притисок да се изгради хотелот на Трамп на местото на Генералштабот
Лондонскиот весник имал пристап до документи и сведоштва кои покажуваат колку далеку бил подготвен да оди Вучиќ за зделката со зетот на Трамп
Британскиот весник „Фајненшел тајмс“ (ФТ) објави дека поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, „лично вршел притисок врз функционерите да ги отстранат пречките за изградба на хотелот на Трамп во центарот на Белград“.
„Фајненшел тајмс“ го пишува ова врз основа на, како што е наведено, документи и сведоштва до кои весникот имал пристап, и дека овие податоци откриваат „колку далеку бил подготвен да оди тој соборен моќник (Вучиќ) за да обезбеди реализација на проектот за недвижности зад кој стоеше Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател“.
Весникот пишува дека планот за уривање и обнова на бомбардираниот Генералштаб во Белград „стана причина за протести предводени од студенти, кои биле насочени против сè поавторитативното владеење на Вучиќ“.
„Фајненшел тајмс“ наведува дека ова придонело за „падот на Вучиќ на изборите минатиот месец“.
Весникот пишува дека имал пристап до претходно необјавениот комплетен инвестициски договор и изјавата на клучен сведок, кои покажуваат дека службените лица дејствувале под директен притисок од Вучиќ со цел да се отстранат законските пречки за реализација на проектот, вклучително и статусот на локацијата како заштитено наследство.
Се цитира изјавата на поранешната директорка на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, Дубравка Ѓукановиќ, дека Вучиќ „лично ја навредил“, нарекувајќи ја неа и нејзините колеги „неуки“ и наредувајќи им да „преземат одговорност“ и да ги отстранат пречките за спроведување на проектот.
Ѓукановиќ изјави за ФТ дека „целата ситуација била непријатна, како и сознанието дека претседателот или не бил запознаен со законската постапка, или не бил заинтересиран за неа“.
ФТ пишува дека изјавата на Ѓукановиќ сугерира дека „српската влада во заминување и американските инвеститори, поддржани од Кушнер, соработуваат повеќе од една година, и покрај сè посериозните правни загрижености за проектот“.
Во текстот се споменува дека во понеделникот, Србија официјално го раскинала инвестицискиот договор со компанијата „Атлантик инкубејшн партнерс“, американскиот инвеститор зад Кушнер, кој се повлече од проектот кон крајот на минатата година.
„Фајненшле тајмс“ пишува дека зградата на Генералштабот, завршена во 1965 година, била значаен пример за југословенската модернистичка архитектура, сè додека „американските воени авиони делумно не ја уништија за време на бомбардирањето на Белград од страна на НАТО во 1999 година, претворајќи ја во симбол на пркос кон Западот“.
Во текстот се споменува средбата на претставникот на Трамп, Ричард Гренел, со Вучиќ во 2020 година, кој потоа нагласи дека проектот мора да се развива „во согласност“ со неговиот посебен статус како културно наследство.
Проектот, како што продолжува ФТ, доби на интензитет по средбата меѓу Кушнер и Вучиќ на маргините на Светскиот економски форум во Давос во 2023 година.
„Во текот на следната година, Вучиќ и неговиот министер за финансии, Синиша Мали, одржаа неколку состаноци на кои извршија притисок врз службените лица задолжени за заштита на културното наследство да го поништат статусот на локацијата како заштитено добро“, вели Ѓукановиќ, пишува ФТ.
Во нејзината изјава како сведок, како што продолжува, се наведува дека „на состанокот било кажано дека има само две опции: или да се покрене (постапката за укинување на заштитните мерки) или да се поднесе оставка“.
На следниот состанок, Мали го повтори ултиматумот, а Ѓукановиќ и еден колега поднесоа оставка, се додава.
ФТ пишува дека случајот предизвика студентски протести, за во ноември 2025 година, Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ да протурка посебен закон со кој се укина заштитата на таа локација, што предизвика нови демонстрации.
Во текстот, исто така, се наведува дека министерот за култура, Никола Селаковиќ, е обвинет за злоупотреба на службената положба, како и дека обвинителите поднеле обвинение против Горан Васиќ, наследникот на Дубравка Ѓукановиќ, за наводно фалсификување документи со цел да се оправда укинувањето на заштитата на културното наследство.
Кушнер го напушти проектот по тие две обвиненија, се додава во текстот.
ФТ оценува дека „скандалот околу Генералштабот го интензивира вниманието насочено кон соработниците на Трамп кои склучуваат зделки врз основа на политички врски низ целиот Балкан, од енергетски проекти во Босна до контроверзни градежни проекти на албанскиот брег“.
„Сепак, Србија дава особено убедливи докази за политичко влијание во корист на инвеститорите поврзани со семејството Трамп“, се додава во текстот.
ФТ додава дека поразот на Вучиќ на предвремените парламентарни избори на 25 октомври „го забрза расклопувањето на неговата политичка мрежа, при што властите ја затворија Алта банка поврзана со режимот и го уапсија нејзиниот сопственик, како и шефовите на полицијата лојални на него“.
Вучиќ не негираше дека работел на промоција на проектот на Генералштабот и вршел притисок врз владини претставници, наведувајќи дека е нормално претседателот да се однесува така, заклучува ФТ.
Британскиот весник „Гардијан“ објави „ексклузивни информации“ кон средината на октомври дека Вучиќ, како претседател на Србија, лично интервенирал за да ги протурка плановите за изградба на контроверзната кула Трамп во Белград.