Ќе се реконструира патот преку Валандовско Брдо


Се планира целосна реконструкција на регионалниот пат Валандово – Струмица. Се работи за пат што оди преку Валандовско Брдо. А имајќи предвид дека теренот е комплициран, ние утврдивме дека патот е оштетен. Тоа е магистрален пат што спојува две општини, Струмица со Валандово – изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Валандово.

„Имајќи предвид дека постојниот пат е во лоша состојба, екипи на Јавното претпријатие за државни патишта направија увид и ја снимија состојбата. Направивме проект и очекуваме најбргу што може да излезе повикот од Јавното претпријатие за државни патишта, со кој треба да се избере изведувач што ќе направи целосна реконструкција на овој пат“, рече Николоски.

Во однос на тоа дали се планира нешто за патот до Дојран, тој посочи дека веќе е пуштен еден патен правец, кој оди од Богданци, од Понов мост до Гевгелија. В година тој треба да продолжи кон Дојран.