Работел непријавен, без обука и заштита: Две лица и фирми обвинети за смртта на работникот во Охрид
Две физички лица и две компании ќе одговараат пред суд за трагичната смрт на работникот Кристијан Љушев, кој го загуби животот откако падна во необезбедено лифтовско окно во зграда во изградба во Охрид. Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинителен предлог за повеќе кривични дела, оценувајќи дека сериозните пропусти во безбедноста на градилиштето придонеле за несреќата.
Според обвинителството, инвеститорот и одговорното лице во една од фирмите не ги презел потребните мерки за обезбедување на објектот. Лифтовското окно немало заштитна ограда, скалите биле без огради, а на градилиштето имало градежен отпад и шут. Дополнително, пристапот до објектот не бил соодветно обезбеден.
Трагедијата се случила на 12 јануари, во утринските часови, кога четворица работници ангажирани за пренесување мебел влегле во објектот. При пристигнувањето на четвртиот кат, Љушев се сопнал од кофа оставена во ходникот, ја изгубил рамнотежата и паднал низ отворот за лифт кон подрумските простории. Од здобиените тешки повреди починал на местото на несреќата.
Обвинителството утврдило и пропусти кај фирмата што ги ангажирала работниците и нејзиниот управител. Според обвинението, Љушев работел без договор за вработување, односно бил непријавен, без претходна обука за безбедност и здравје при работа и без задолжителен здравствен преглед.
Дополнително, работниците биле испратени на работни задачи во објект со зголемен ризик без претходна проценка на работната средина и без соодветни инструкции за безбедно извршување на работата.
Покрај обвинителниот предлог, обвинителот до Основниот суд во Охрид доставил и барање за забрана на статусни промени на двете компании, со цел да се спречи евентуално отуѓување на нивниот имот додека трае судската постапка.
Обвинетите се товарат за тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, повреда на правата од работен однос и непреземање мерки за заштита при работа.