Германија ги откажува божиќните пазари – прескапо е!
Повеќе германски градови годинава ќе останат без божиќни пазари.
Годинава празничните патувања низ Европа би можеле да донесат изненадувања за љубителите на германските божиќни пазари. Поради финансиски тешкотии, недостиг од организатори, безбедносни барања и градежни работи, повеќе традиционални манифестации се откажани. Некои градови сепак ќе ги одржат настаните, но со скратена програма.
Еден од попознатите откажани пазари е оној во Кирхајм кај Минхен. Тамошните власти го укинаа финансирањето затоа што приходите од данокот на добивка се значително намалени. Општината очекува околу 15 милиони евра наместо планираните 22 милиони, па мораше да воведе буџетски ограничувања.
Слична ситуација има и во Гестахт, каде што општинската субвенција од 15.000 евра била одобрена дури кон крајот на септември – предоцна за организаторите да се подготват.
Во Хаген-Хоенлимбург нема да има настан во замокот поради недостиг од организатор, а во Хановер е откажана манифестацијата „Божиќ над покривите“. Берлинскиот фестивал „Зимски сон“ исто така нема да се одржи бидејќи не била обезбедена алтернативна локација.
Зимскиот фестивал во хамбуршката населба Дулсберг е трајно укинат поради слаб интерес. Во Винтерхаузен пречка се градежните работи, а во Тримбург организаторите не успеале да обезбедат втор излез за евакуација.
Во Танхаузен пак, сушата и нападот на поткорник уништиле 80 до 90 проценти од смреките, па манифестацијата е откажана.
Некои места сепак ќе имаат божиќни пазари, но со изменета програма. Во Ној-Улм средновековниот пазар ќе се одржи без традиционалните претстави, а во Тафкирхен ќе недостасува дел од сценските содржини.
Дополнителен проблем се и зголемените трошоци. Според истражување, во последните три години расходите за организирање божиќни пазари во Германија пораснале во просек за 44 проценти, а трошоците за обезбедување сега сочинуваат околу една четвртина од буџетот.