За прв пат во историјата, судот во Хаг пресуди дека држава е виновна за геноцид: Мјанмар е одговорен за ужасни злосторства
Меѓународниот суд на правдата во Хаг пресуди дека Мјанмар извршил геноцид врз муслиманите Рохинџи во северната држава Рахин. Одлуката беше донесена со девет гласа „за“ и шест „против“, и за прв пат една земја беше прогласена за одговорна за геноцид пред овој суд.
Пресудата ја прочита претседателот на судот, Јуџи Ивасава, во четврток. Во 2019 година, постапката ја покрена Гамбија, тврдејќи дека Мјанмар ја прекршил Конвенцијата за спречување и казнување на кривичното дело геноцид.
„Судот смета дека единствениот разумен заклучок што може да ги објасни постапките на Мјанмар е намерата да се уништи значаен дел од заштитената група, имено населението Рохинџи во северната држава Рахин“, се наведува во пресудата објавена од CNN.
Убиени околу 10.000 Рохинџи
Судот утврди дека безбедносните сили на Мјанмар убиле околу 10.000 Рохинџи за време на таканаречените операции за чистење во 2017 година, извршиле широко распространето сексуално насилство и акти на екстремно насилство врз деца и нападнале цивили додека бегале во Бангладеш.
Судиите, исто така, ги зедоа предвид мерките со кои Мјанмар ги ограничил раѓањата во рамките на оваа група, како и фактот дека не ги истражил злосторствата и дека одбил пристап до докази и сведоци.
За време на воената кампања во 2017 година, околу 740.000 Рохинџи избегале во соседен Бангладеш. Мјанмар го негира геноцидот и тврди дека акцијата била насочена против бунтовниците кои нападнале полициски станици.
Прва таква пресуда за 80 години
Ова е прв пат во 80-те години постоење на Меѓународниот суд на правдата една земја да биде прогласена за одговорна за извршување геноцид, според CNN.
Во 2007 година, истиот суд, во случајот што го покрена Босна и Херцеговина против Србија и Црна Гора, утврди дека во Сребреница е извршен геноцид, но дека Србија не е директно одговорна за него, но дека не го спречила и не ги казнила сторителите.
Пресудата во случајот со Мјанмар може да биде важна и за други случаи, особено за тужбата на Јужна Африка против Израел за војната во Газа, која исто така се занимава со геноцидна намера.