Студентите без бесплатен јавен превоз поради блокирани картички


Фото: Б. Грданоски

ЈСП Скопје ги блокираше физичките студентски картички за бесплатен јавен превоз, поради што голем број студенти останаа без пристап до дигиталните билети преку апликацијата „SkopjeBus“, реагираат на социјалните мрежи од студентарија мк.

Информираат дека проблемот настанал поради ненавремено усогласување на податоците меѓу ЈСП и универзитетите, иако дел од студентите ги доставиле потребните информации уште во октомври.

Според информациите објавени од „Студентарија“, студентите не биле навремено известени за блокирањето, па дел од нив дознале дека картичките не им функционираат дури при влегување во автобус… За само еден ден, 808 студенти пријавиле дека немаат пристап до бесплатниот превоз.

Студентите бараат ЈСП Скопје и универзитетите итно да ги усогласат и ажурираат податоците, да овозможат пристап до дигиталните билети и да не ги казнуваат студентите за административни и технички пропусти за кои не се одговорни.

Oд ЈСП Скопје го отфрлаат како неосновано припишувањето одговорност на претпријатието за сите пријавени потешкотии со дигиталните студентски пасови, без проверка на поединечните случаи.

Преминувањето на дигитален пас не го укинува правото на бесплатен студентски превоз, нагласува ЈСП Скопје во соопштението.

„ЈСП постапува исклучиво врз основа на официјални и проверени списоци доставени од овластените лица определени од УКИМ, Универзитетот „Мајка Тереза“ и останатите универзитети, односно факултети. Потврдувањето на студентскиот статус и точноста на доставените податоци се во нивна надлежност.

При проверките се утврдени погрешни адреси на е-пошта, обиди за инсталирање на истиот пас на два уреда, што доведува до негово блокирање, како и паралелно користење дигитален пас и електронска картичка. Блокирањето на досегашните картички служи и за спречување двојно користење и можни злоупотреби“ – нагласува ЈСП Скопје.

Според ЈСП, бројот на пријави сам по себе не ја докажува причината ниту одговорноста за потешкотиите.

„ЈСП останува достапно за нивно разрешување во соработка со факултетите и очекува „Студентарија“ целосно да ги пренесе доставените појаснувања. Заклучоците за одговорност мора да се темелат на проверени факти“ – се вели во соопштението.