Коски за кои постои сомнение дека се човечки пронајдени во двор на куќа во Струмица
Необично откритие во Струмица предизвика реакција на полицијата, откако жител пријавил дека во дворот од својот дом пронашол коски кои наликувале на човечки останки.
Случајот бил пријавен вчера во 17:40 часот во Секторот за внатрешни работи Струмица. Според пријавата, коските биле откриени на улицата „Солунска“, додека сопственикот вршел ископувања во дворот на куќата.
На местото веднаш излегла увидна екипа на СВР Струмица, која извршила увид. Пронајдените коски биле подигнати и предадени за понатамошна постапка и вештачење, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Засега нема официјална потврда дали станува збор за човечки коски. Тоа треба да го утврди вештачењето.