Што планираат Марин Ле Пен и Алис Вајдел за Брисел?
За европската левица од центарот, ова беше како ран божиќен подарок – гледајќи како дури и најцврстите популисти почнуваат да се нишаат. Поразот на Виктор Орбан во април, по 16 години вкоренет непотизам и клиентелизам, предизвика шок низ Европа; Србија го следеше тој пример овој октомври, потсетувајќи ги лидерите дека грчевитото држење за власта не е исто што и задржувањето на гласовите на граѓаните.
И токму кога се чинеше дека драмата стивнува, американските гласачи – сити од вртоглавиот раст на цените – покажаа дека гневот што ги издигнува политичарите на власт, може исто толку брзо и да ги отстрани. Дали европската левица од центарот треба да го отвори шампањот? Не брзајте. Проблемот со славењето на падот на популистите е во тоа што незадоволството, кое ги доведе нив на власт, сè уште тлее.Алис Вајдел во Германија и Марин Ле Пен во Франција, на пример, се чини дека добро ја разбрале ситуацијата.
„Фрегзит“ и единствената валута
Ставањето на реформите пред повлекувањето не е мала работа. Ле Пен веќе се откажа од идејата за „Фрегзит“ (излез на Франција од ЕУ), додека партијата на Вајдел, АфД (AfD), го преиспитува својот долгогодишен непријателски став кон еврото.Ова не се само планови за „стегање на каишот“ на бриселската бирократија; тие го отвораат суштинското прашање: кој има последен збор во Европа?
За германската економија, која зависи од извозот, напуштањето на европскиот единствен пазар и заедничката валута би можело да има многу висока цена (690 милијарди евра).Наместо тоа, Вајдел во својот предлог за голема реформа на улогата на Германија во ЕУ, предвидува промена: од сегашната улога на „главен финансиер“ (како што таа ја нарекува), кон позиција што го зајакнува германскиот суверенитет. Вајдел дури постави и временска рамка за остварување на оваа амбиција.
Патоказот на нејзината партија предвидува намалување на овластувањата на ЕУ (во рамките на постојните правила) во рок од три години, реформирање на договорите во рок од седум години, при што, во текот на тој процес, би се искористило влијанието што Германија го има преку својот буџетски придонес. Веднаш зад неа, Ле Пен ги насочува погледите кон националните избори низ Европа, со цел да изгради коалиција од истомислечки влади. Се чини дека и двете сфаќаат оти моќта во Брисел може да започне со моќта во сопствената земја.
А со оглед на тоа што популистичките партии добиваат влијание низ целиот континент, менувањето на ЕУ одвнатре може да понуди поголема политичка тежина отколку уште една епизода како „Брегзит“.
Кој го чува ќесето?
Моментот на подемот на Ле Пен и Вајдел тешко дека би можел да биде понезгоден. тоа се случува додека ЕУ го крои својот буџет за периодот 2028–2034 година, тежок речиси 2 трилиони евра, обидувајќи се да ги балансира скапите заложби за поддршка на Украина, зајакнувањето на одбраната и исполнувањето на барањата за поголеми трошења на домашен терен.За Ле Пен и Вајдел, буџетската ноќна мора на Брисел би можела да биде идеална сцена за да покажат кој всушност треба да го држи ќесето. И еве ја Ле Пен, на десната страна од сцената.
Доколку дојде на власт по француските избори во 2027 година, Ле Пен планира драстично да ги намали придонесите на Франција кон ЕУ, а истовремено бара враќање на 2,2 милијарди евра годишно – средства собрани преку царини на француските граници.
Сепак, Франција е и еден од најголемите корисници на средствата од ЕУ наменети за земјоделството.Затоа, намалувањето на придонесите кон Брисел би можело да отвори незгодни прашања: кој ќе ја покрие сметката за француските земјоделци? Една студија на Германскиот совет за надворешни односи од септември 2026 година предупредува дека идна француска влада би можела да го искористи процесот на национална ратификација за да ги попречи договорите за приходите на ЕУ, дури и откако ќе биде постигнат тешко извојуваниот буџетски договор. Дури и ако Брисел успее да постигне договор пред француските гласачи да го кажат својот збор, расправијата околу тоа кој ќе ја плати сметката веројатно нема да исчезне.
Правилата на ЕУ за приходите сè уште бараат едногласност и потврда од секоја од земјите-членки; тоа би можело да ѝ даде на идната француска влада нов адут за преговарање, долго откако ќе се исуши мастилото на кој било договор за трошење средства.
Брисел сè уште се соочува со главоболката околу обезбедувањето на самите пари, при што националистичките партии, како што е германската „Алтернатива за Германија“ (AfD), се закануваат дека – доколку дојдат на власт – ќе ги блокираат одлуките сè додека не се исполнат нивните барања.
Густ распоред за 2027 година
А Брисел веќе ја наѕира бурата. Емануел Макрон ги повика лидерите на ЕУ да постигнат договор за буџетот пред крајот на годината, предупредувајќи дека густиот изборен календар во Европа за 2027 година би можел значително да ги отежне преговорите. Сепак, избрзаното склучување договор не гарантира дека прашањето ќе биде конечно решено.
Дури и откако владите ќе се договорат за трошењето, некоја идна француска администрација сепак би можела да ги оспори аранжманите за негово финансирање. И иако партијата „Алтернатива за Германија“ (AfD), предводена од Вајдел, останува надвор од германската влада, нејзиниот предложен план дава увид во тоа како финансиската тежина на земјата би можела да се искористи за да се издејствуваат пошироки институционални промени.
Предупредувањето за Брисел е јасно: следниот евроскептичен предизвик можеби нема да дојде од оние што се закануваат дека ќе си заминат, туку од оние што се решени да останат и да ги напишат одново правилата на игра. (ЕУ Обсервер)