Нетанјаху се бори да преживее на власта, може и да му успее


Бенјамин Нетанјаху на говорницата во ОН

Неспортски е да се удира човек кога е веќе на земја. Но, добро е да направиме исклучок за Бенјамин Нетанјаху.

Откако неговата крајно десничарска коалициска влада го загуби мандатот на националните избори минатиот месец, израелскиот премиер приредува грда претстава со своето однесување. Неговите постапки наликуваат на оние на осуденик кој очајнички се бори да избега од бесилката. Ова можеби и не би било толку важно доколку, како што многумина претпоставуваа (и се надеваа), Нетанјаху на крајот не може да го избегне падот. Сепак, неговиот конечен пад е сè уште далеку од сигурен.

Додека траат долгите и сложени преговори за тоа кој ќе ја формира следната израелска влада – која сигурно ќе биде некаков вид повеќепартиска коалиција – Нетанјаху, кој засега е принуден да ја извршува само техничката функција, прави сè што е во негова моќ за да остане на власт. Тој ги користи сите „валкани трикови“ од својот добро познат арсенал, истовремено повикувајќи на „влада на национално единство“ (од која се исклучени арапските партии).

Исто така, можеби е премногу оптимистички да се верува дека тој е целосно напуштен од својот најголем сојузник, Доналд Трамп – кој и самиот доживеа пораз на изборите. Палестинците, кои се под опсада на Западниот Брег и во гладниот и поплавен појас Газа, како и бомбардираниот и измачен народ на Иран, имаат сериозни причини за страв.

Маневрите на Нетанјаху – кој очигледно не знае да губи – потсетуваат на потезите на Трамп откако Џо Бајден го отстрани од претседателската функција во САД во 2020 година. Тие вклучуваат апсурдни и неосновани тврдења за изборна измама во која наводно биле вмешани партии предводени од Палестинци. Овие партии, благодарение на големата излезност, неочекувано освоија 19 пратенички места, што им дава потенцијално одлучувачка улога во тоа кој ќе ја формира и ќе ја предводи следната влада.

Тој, исто така, повторува веќе познати, неосновани и нејасни обвинувања за мешање од странство. Истражителите не пронајдоа никакви докази што би ги поткрепиле овие клевети – но, исто како Трамп и неговото движење „MAGA“, така и Нетанјаху, неговите екстремистички популистичко-националистички сојузници и медиумските поддржувачи, упорно продолжуваат да ги шират овие лаги.

Откако ги стави на маргините арапско-израелските партии, „секундарната цел“ на Нетанјаху е да ги поттикне масите што го слушаат да маршираат кон Кнесетот следниот вторник (17 ноември) – денот кога треба да биде заменет претседателот на парламентот – и да го спречат одржувањето на пленарната седница. Исто така, целта е да им се даде сигнал на пратениците од коалицијата што заминува од власт, да ја саботираат седницата, предупреди колумнистот на „Хаарец“, Јоси Вертер.

Ваквите предвидувања со право вклучуваат аларм за иднината на управувањето со земјата која тврди дека е единствената демократија на Блискиот Исток. Загрижувачка е можноста Израел да доживее своја верзија на 6 јануари 2021 година – озлогласениот датум на неуспешниот бунт на поддржувачите на Трамп на Капитол Хил.

Расизмот на Нетанјаху, кој никогаш не бил целосно скриен, стана отворен, дрзок и одбивен. Секоја коалиција што би вклучувала Арапи или би била поддржана од нив, би претставувала „влада на национално самоубиство… составена од оние што сакаат да ја уништат државата Израел и на нејзините урнатини да воспостават палестинска држава“, изјави тој во една снимена порака. Јасна беше импликацијата дека сите арапски Израелци – кои сочинуваат околу 21% од вкупното население на Израел – треба да се сметаат за терористи, или барем за потенцијални поддржувачи на Хамас.

„Огнот и пламените јазици на улиците во Париз и Брисел ќе изгледаат безначајно во споредба со огнот што ќе го видиме во Ерусалим, Тел Авив и Хаифа. Израел едноставно нема да преживее“, рече тој.

И покрај неговиот катастрофален неуспех – за кој никогаш не понесе одговорност – да ги спречи нападите на Хамас во 2023 година, премиерот продолжува да тврди дека само тој, и никој друг, може да ја гарантира безбедноста на Израел. Откако присуствуваше на уште еден паничен, речиси хистеричен говор на Нетанјаху за време на церемонијата на полагање заклетва во Кнесетот минатата недела, Гади Ајзенкот – лидерот на главната опозициска групација за „промени“, која доби прва шанса да формира влада – го осуди неговото однесување, нарекувајќи го срамно и полно со омраза.

„Уште повеќе се уверив дека тој е целосно несоодветен да ја извршува функцијата, па макар и уште една минута“, изјави Ајзенкот. „Мораме итно да дејствуваме за да формираме национална влада за вонредни состојби. Продолжувањето на неговото владеење го дели Израел и ја загрозува неговата безбедност.“

Загриженоста за можна нова војна е поткрепена со извештаите дека Нетанјаху не се откажал од надежите за повторно започнување напади врз Иран – потег со кој би се создала нова безбедносна криза, би се зацврстила неговата сопствена позиција и би се одложила промената на власта. Ајзенкот превентивно го предупредил да не презема таков чекор, наведувајќи го тоа во официјално писмо во кое го повикува „да покаже национална одговорност, како и претпазливост и воздржаност при повлекувањето опасни потези… да не ја нарушува довербата на народот во државните институции и во процесот на носење одлуки“.

Се тврди дека Ејал Замир, началникот на генералштабот на Израелските одбранбени сили, како и други генерали, уште пред изборите им кажале на своите американски колеги оти веруваат дека Нетанјаху планира да го вовлече Вашингтон во трет воен судир со Техеран во рок од две години.Тешките порази на Републиканците на американските избори во средината на мандатот – кои делумно се припишуваат на непопуларната и скапа војна со Иран – се чини дека го принудија Трамп да се откаже од каква било идеја за нов конфликт, барем засега. Тој, исто така, се соочи со отпор во сопствената партија, вклучително и од страна на потпретседателот Џеј Ди Венс, кој за лошите резултати директно ги обвини војната со Иран и безусловната поддршка што Трамп им ја дава на Нетанјаху и Израел. Анкетите покажуваат дека, со текот на времето, умерените републикански гласачи и независните гласачи во САД имаат сè помала поддршка за Израел, додека некои помлади Републиканци го признаваат геноцидот во Газа и неизмерното страдање на Палестинците таму и на Западниот Брег.

Сепак, Трамп останува крајно непредвидлив. Тој веќе ги игнорира негативните пораки од изборите во средината на мандатот упатени кон неговата агенда и е очигледно решен, на еден или друг начин, да прогласи победа над Иран. Минатата недела, Венс беше нагло отстранет од својата улога во преговорите со Иран, при што Трамп инсистираше на тоа дека разговорите со Техеран се завршени. САД продолжуваат да вршат воен и сè поголем економски притисок врз Иран, особено преку блокада од воздух, копно и море.

Истовремено, глобалната криза со цените на нафтата продолжува. Порано или подоцна, режимот во Техеран, плашејќи се од колапс или внатрешен бунт, може да се почувствува принуден да возврати. Ако тоа се случи, тоа ќе биде можност за Нетанјаху. Тој може дури и вештачки да предизвика нов судир, повторно вовлекувајќи го во него несреќниот Трамп.

Ако се повлечеме чекор наназад и ја разгледаме суштината, ситуацијата е следна: фактот што Нетанјаху сè уште е на власт – и сè уште има шанси да остане премиер доколку преговорите на опозициската коалиција заглават, пропаднат или бидат саботирани – е неверојатен, неприфатлив и длабоко шокантен. Со текот на годините, тој ѝ нанесе огромна штета на меѓународната репутација на Израел, вклучително и во САД, преку своето непрестајно и крајно непропорционално водење војни во Либан, Сирија, Ирак, Јемен и Иран. Тој се соочува со можно апсење од страна на Меѓународниот кривичен суд поради наводни воени злосторства. Во својата земја, тој е обвинет за корупција. Истовремено, тој го надгледува невиденото терористичко насилство од страна на доселениците, чија цел е незаконска анексија на Западниот Брег. Тој е обвинет за поткопување на израелската демократија преку реформата на правосудството, обидите за замолчување на електронските медиуми, циничните изборни манипулации и дрските лаги.

Нетанјаху е срам за Израел и за демократското владеење каде било во светот. Време е да се каже „доста“. Иако неговото отстранување од власт само по себе нема да ги реши поголемите проблеми, сепак значително би помогнало. Тој мора да биде запрен. Оваа ретка, пост-изборна можност да се запре еднаш засекогаш , недвосмислено и трајно  од функцијата и од власта, не смее да се пропушти, упропасти или прокоцка. „Биби“ мора да одговара за своето криминално однесување и прекршоци, како лични, така и политички. Ако, како што се случувало и претходно, му се дозволи да се извлече, тогаш не само Израел и Палестина, туку и целиот свет ќе платат ужасна цена. (Гардијан)