Насилникот од Охрид бил под дејство на алкохол, и за тоа ќе добие кривична пријава
Кристијан Корабоски управувал возило под дејство на алкохол вечерта кога ја исфрли од автомобил Сара Ѓоргиевска во Охрид. Според наодите на полицијата, во неговата крв имало 1,29 промили алкохол, поради што ќе добие и кривична пријава за тоа што возел пијан.
Инаку, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишниот Кристијан пред се поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ по член 131 став 3 од Кривичниот законик врз неговата девојка Сара Ѓоргиевска. За Кристијан нема притвор, туку мерки за претпазливост, изречени од страна на судот. Кривична пријава ќе добие и таткото на Сара зашто на семејството на осомничениот му испратил порака со заканувачка содржина.
Во јавноста и од политичките партии веќе има повици Корабоски да биде обвинет за обид за убиство и да бие ставен во притвор, паралелно со притисоците да му биде вештачен мобилниот телефон – за да се потврдат тврдењата на мајката на девојката дека сакал да ја „докрајчи“ и добивал инструкции да го фрли телото.Под лупа е ставена и пристрасноста на полицијата раководена од Панче Тошковски и факто дека ваквите дела се зголемуваат.
„Колку блиску до смртта треба да се приближи една девојка, жена за вмровските институции да реагираат? Колку треба да биде претепана една жена за државата да ја сфати сериозно? Колку коски треба да ѝ бидат скршени, колку закани треба да преживее и колку пати треба да се најде на работ меѓу животот и смртта за институциите да престанат да го третираат насилството како глупост?“- праша денес политичката партија Левица.
Како што забелеѓуваат, Сара е во болница, а насилникот од „угледна“ вмровска фамилија, Кристијан Корабоски, е на слобода!
„И покрај сериозноста на случајот, Основното јавно обвинителство не побарало притвор, туку само мерки на претпазливост! Дали единствениот доказ што институциите го признаваат како доволно сериозен е посмртниот наод?!
И додека една млада девојка ги трпи последиците од насилството со сопственото здравје и достоинство, над случајот надвиснува отворената политичка недопирливост. Мајката на осомничениот, Љубинка Корабоска, е поранешна претседателка на Антикорупциската комисија, членка на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Охрид, раководителка во државно претпријатие и донаторка на ДПМНЕ. Тука е и татковиот грб со вмровско педигре – за кој се вели дека има блиски релации со Мицкоски, донатор на ДПМНЕ, бил инспектор во Пазарниот инспекторат, а актуелно е на раководна позиција во УЈП.
Во меѓувреме, таткото на Сара бил задржан во полициска станица поради порака испратена до семејството на осомничениот, додека Корабоски останува надвор од притвор. Очигледно институциите побрзо реагираат кога треба да се справат со семејството на жртвата, отколку кога треба да обезбедат одговорност за осомничениот.
Тошковски има прашања и треба да одговара: Дали полицијата ги документирала сите наводи за закани по живот? Дали воопшто обезбедила докази? Дали извршила процена на ризик? Дали на обвинителството му доставила целосни информации? Но, клучното прашање е упатено до Основното јавно обвинителство: Врз основа на што обвинителството проценило дека мерките на претпазливост се доволни и дека нема потреба да побара притвор? Кои околности ги ценело при донесувањето на таа одлука? Како ја проценило опасноста за Сара? Зошто не побарало построга мерка за обезбедување на нејзината безбедност?
Не може јавноста да добива повеќе информации од потресното сведоштво на една мајка отколку од институциите задолжени да ја гарантираат безбедноста на нејзината ќерка! Во целата оваа ситуација и фактичка состојба, неопходно е да се утврди и од каде произлегува самоувереноста во недопирливоста на насилникот и неговото семејство. Дали по насилството биле воспоставени контакти со функционери од ДПМНЕ, дали биле активирани партиски врски и дали некој се обидел да издејствува повластен третман?
Сомнежот дека политичкото влијание одиграло улога во постапувањето по нападот и во одлуката на ОЈО да не побара притвор е повеќе од оправдан. Секоја евентуална интервенција мора да повлече одговорност. Поразително е што во оваа држава правдата сè почесто мора да се изнудува со јавен притисок наместо да произлегува од совесното постапување на институциите. Уште попоразително е што жртвите мора јавно да ги изложуваат сопствените страдања за нивниот глас воопшто да допре до надлежните. Но, кога институциите потфрлаат, молкот на општеството станува соучесник во неказнивоста!“- порачуваат од Левица.
Според партијата, ниту еден насилник, евентуален помагач и службеник што ја злоупотребил својата положба не смее да остане надвор од посегот на правдата.
„Во држава која е трета во Европа по број на фемициди не смееме повторно да чекаме поголема трагедија за да се пробуди јавноста, ниту обдукција за да се разбудат институциите! Бараме ОДГОВОРНОСТ и соодветни казни од прв до последен во целиот синџир, а случајот будно ќе го следиме и нема да дозволиме да се заташка“, порачаа од Левица.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче праша исто така до кога ќе се случуваат вакви насилства и до кога ќе бидат под заштита?