Синеплекс се простува од Иван Хиниќ, директорот на компанијата во Македонија
Со длабока тага, Cineplexx ја известува јавноста дека на 13 ноември, на 54-годишна возраст, почина Иван Хиниќ, директор на компанијата во Македонија.
Иван е роден на 25 септември 1972 година. Од 1998 година беше дел од филмската индустрија, на која ѝ посвети речиси три децении од својот живот. Со своето знаење, искуство, визија и посветеност даде немерлив придонес во развојот на киноиндустријата во Македонија и регионот, како и во изградбата на Cineplexx. Неговиот професионален пат беше исполнет со бројни предизвици, успеси и промени, низ кои остави трага што ќе продолжи да живее.
Сепак, наследството на Иван не се огледува само во професионалните резултати и во сè што заедно со својот тим го изгради. Тоа се огледува и во луѓето со кои го споделуваше секојдневието, предизвиците, идеите и успесите. Тој беше многу повеќе од директор и колега – беше важен дел од нашата заедничка приказна, човек чија енергија, карактер, човечност и љубов кон работата оставаа посебен впечаток кај сите што имаа можност да го запознаат и да соработуваат со него, велат од Cineplexx.
„Ќе го паметиме по сè што создаде, но уште повеќе по начинот на кој го правеше тоа – со страст, посветеност и верба во луѓето и заедничките цели.“
Комеморацијата ќе се одржи во среда, 18 ноември, во 10 часот, во киното Cineplexx во трговскиот центар Skopje City Mall.