Како Том Круз и Брус Спрингстин го изненадија Спилберг?


Њујорк – Многу работи се променија откако Стивен Спилберг го објави филмот „Ајкула“ (Jaws) во 1975 година. Овој филм, кој нашироко се смета за првиот летен блокбастер, направи револуција во начинот на кој Холивуд ги дистрибуираше своите високобуџетни спектакли. Но, како што со жалење забележува Брус Спрингстин, култниот трилер за ајкулата уништи една од омилените американски разоноди: капењето без облека.

„Едно од најголемите задоволства на брегот на Њу Џерси во 1975 година беше ноќното пливање – по можност голи, со некој со кој сакате да имате секс“, изјави Спрингстин во четвртокот вечерта во Музејот на современа уметност (MoMA). „Стивен Спилберг ја упропасти таа работа. Ја упропасти темелно. Низ годините се прашував: ’Зошто еден таков добар човек – зошто би го направил тоа?‘“

Спрингстин подоцна се спријатели со Спилберг. Но, во текот на нивното 30-годишно пријателство – вклучително и неколку патувања со бродот на Спилберг – Спрингстин изгледаше вознемирен од фактот што никогаш не го видел режисерот на „Ајкула“ да стапне во водата.

„Знаете за оној поголем брод што им требаше во ’Ајкула‘? Тој го има токму тој, само многу поубав“, рече Спрингстин. „И сега, тој брод е опкружен со океан. Тоа е навистина многу вода. Сум бил на тој брод и можам да ви кажам: Стивен Спилберг не влегува во таа вода. Всушност, бродот е толку проклето голем што на него има и базен. А Стивен Спилберг не влегува ни во тој проклет базен. Не сум сигурен дали воопшто некогаш сум го видел во костим за капење. Но, причината зошто ноќното пливање е ’упропастено‘ – и тоа не само на брегот на Њу Џерси, туку секаде во овој проклет свет – е тоа што тој многу добар човек, Стивен Спилберг, се плаши од водата.“

Со Емили Блант и Кеји Бланшетг

Спрингстин беше последниот во низата филмски великани кои излегоа на сцената за време на 18-тата годишна филмска хуманитарна вечер, организирана од MoMA и „Шанел“ (Chanel) во чест на повеќедецениската кариера на Спилберг. Том Круз, Роберт де Ниро, Мартин Скорсезе, Кејт Бланшет, Дру Баримор, Стив Мартин и Стивен Колбер беа меѓу холивудските легенди присутни за да му оддадат почит на режисерот, кој скромно ја опиша вечерта како „семеен настан“.

Зое Салдања

„Сите што доаѓаат вечерва – мислам, сите тие се блиски пријатели“, изјави Спилберг за „Варајети“ (Variety) на црвениот тепих. „Сите ние сме започнале во одреден момент. Или јас сум ги ангажирал да глумaт во мој филм, или тие ме ангажирале мене да режирам нешто за нив. Така што, за мене ова е навистина семеен настан. Нема никој присутен вечерва кого не го познавам и не го сакам.“

Мишел Фајфер

Воведниот говор го одржа Круз, кој играше главни улоги во филмовите на Спилберг „Извештај за малцинството“ (2002) и „Војна на световите“ (2005). Неговото појавување беше изненадување во последен момент, дури и за самиот Спилберг.

Дру Баримур

„Многу сум благодарен за моментите што сме ги споделиле приватно. Уште од времето кога бев млад, ти секогаш беше многу великодушен кон мене“, рече Круз. „Беше вистинска привилегија да снимам два филма со тебе.“

Скорсезе во својот говор се восхитуваше на долговечноста на нивните кариери, а заврши со прашање до својот долгогодишен пријател: „Како стигнавме до осумдесеттите години од животот?“ Откако гостите уживаа во вечера со американско „вагју“ говедско месо, беше прикажана сцена од филмот „Ден на обелоденувањето“ (Disclosure Day), во која ликот што го толкува Блант, несвесно користејќи ја својата новостекната способност да чита мисли, успева да избегне казна за пречекорување на брзината. Откако излезе на сцената, Блант им раскажа на присутните какво е чувството да се сведочи на заразното воодушевување на Спилберг, откако ќе сними кадар што му се допаѓа.

„Ќе го видите како излегува од шаторот со кренати тупаници во воздух и слави“, рече Блант. „Тоа е веројатно најдобриот, проклет, момент во вашата кариера.“

Филмот „Ден на обелоденувањето“ (Disclosure Day) – во кој Спилберг, речиси 50 години по „Блиски средби од трет вид“, повторно се навраќа на својата фасцинација од вонземскиот живот – ова лето оствари заработка од скромни 248 милиони долари ширум светот. Иако режисерот претходно навести дека работи на „одличен“ вестерн, тој остана таинствен околу тоа дали токму тоа ќе биде неговиот следен проект.

„Во моментов развивам многу работи“, изјави тој за „Варајети“ (Variety). „Се обидувам да одлучам што ќе снимам следно.“

Благодарение на Спилберг и неговите славни пријатели, 18-тиот годишен филмски настан за прибирање средства на MoMA собра најголема сума пари во историјата на оваа манифестација, која му помага на музејот да набавува и реставрира класични филмови за идните генерации. „Шанел“ (Chanel) го поддржува овој годишен настан уште од 2011 година, а од 2021 година е и главен филмски спонзор на MoMA.

Меѓу претходните личности на кои им беше оддадена почест на филмскиот настан на MoMA се Софија Копола, Самјуел Л. Џексон, Гиљермо дел Торо, Пенелопе Круз, Џорџ Клуни, Лора Дерн, Мартин Скорсезе, Џулијан Мур, Том Хенкс, Кејт Бланшет, Алфонсо Куарон, Тилда Свинтон, Квентин Тарантино, Педро Алмодовар, Кетрин Бигелоу, Тим Бартон и Баз Лурман. (Варајати)