Редовното консумирање кафе поврзано со промени во функцијата на цревата
Редовното консумирање кафе може да влијае на работата на дигестивниот систем, особено на подвижноста на цревата и разновидноста на цревните бактерии, според студија на научници од Универзитетот во Копенхаген, спроведена на 61 здрав возрасен човек.
Истражувањето, објавено во научното списание „Gut Microbiology“, покажа дека луѓето кои редовно пијат кафе имаат поголема разновидност на микроорганизми во цревата и почести контракции на дебелото црево во споредба со луѓето кои го консумираат поретко, објавува Euronews.
За време на истражувањето, научниците користеле специјална електронска капсула која ја проголтале 50 учесници, а која собирала податоци за време на минување низ дигестивниот систем.
Капсулата го мерела времето на транзит на содржината низ дигестивниот тракт, температурата, нивото на киселост и контракциите на цревата.
Учесниците биле поделени во две групи според нивните навики за консумирање кафе. Првата била составена од луѓе кои пиеле помеѓу една и пет шолји кафе дневно повеќе од три од вкупно осумте дена од студијата, додека втората била составена од оние кои пиеле кафе поретко.
Резултатите покажаа дека редовните пијачи на кафе имаат поголема разновидност на цревни бактерии, кои играат важна улога во варењето и другите процеси во телото.
Исто така, беше утврдено дека луѓето кои редовно пијат кафе имаат значително пониска pH вредност, односно поголема киселост, во тенкото црево.