Почна расправата за буџетот за 2027: Власта и опозицијата на две различни страни


Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска (Фото: Б. Грданоски)

 

Штотуку беше усвоен вториот ребаланс на буџетот за 2026, а денес почна расправата за Предлог-буџетот за 2027. Очекувано, власта го фали, а опозицијата го критукува. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во Комисијата за финансирање и буџет изјави дека тој претставува продолжување на определбата за одговорна фискална политика, економски раст и подобрување на квалитетот на јавните услуги.

Според министерката за финансии, со предлог-буџетот за 2027 година обезбедени се средства за  редовно функционирање на институциите, исполнување на обврските кон граѓаните, поддршка на стопанството и реализацијата на капиталните инвестиции.

„Основната цел е постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг и нивно усогласување со воспоставените фискални правила, без притоа да се доведе во прашање редовното извршување на обврските на државата и финансирањето на приоритетните политики. Со овој буџет продолжуваме да градиме економија која се потпира на инвестиции, продуктивност, конкурентност и стабилни јавни финансии. Нашата цел е стабилноста на јавните финансии да не биде сама за себе цел, туку основа за посилна економија, повеќе инвестиции, подобри јавни услуги и повисок животен стандард за граѓаните“, рече Димитриеска-Кочоска.

Според неа, во 2027 година се очекува продолжување на позитивните економски движења и реален раст на БДП од 3,8%. Главен двигател на растот повторно ќе биде домашната побарувачка, пред сè преку засилената инвестициска активност. Бруто-инвестициите се проектирани да забележат реален раст од 6,8 , поддржан од продолжувањето на големите инфраструктурни проекти, инвестициите во енергетиката, обновливите извори на енергија, здравството, образованието и земјоделството. Се очекува продолжување на инвестициската активност на домашните претпријатија, како и прилив на нови странски директни инвестиции и проширување на капацитетите на постојните инвеститори.

Вкупните приходи се планирани на 395,4 милијарди денари или 5,7% повеќе во споредба со 2026 година, а вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари или за 4,8% повеќе во споредба со 2026 година.

Во однос на јавниот долг министерката посочи дека на 30 септември годинава јавниот долг изнесувал 56,6 % од БДП.

„Во 2027 година, покрај финансирањето на буџетскиот дефицит, кој е проектиран на 45 милијарди денари, државата има обврски и за сервисирање на долгот во износ од 124,6 милијарди денари. Од вкупните обврски за отплата 46,5 милјарди денари се за надворешен долг. В година, како што е познато, за отплата е еврообрзницата од 500 милиони евра издадена во 2023 година. За финансирање на дефицитот и обврските планирано е домашно задолжување од 36,3 милијарди денари и дополнителни 60 милијарди денари за едногодишни државни хартии од вредност, кои достасуваат за отплата и задолжување во странство од 86,8 милијарди денари“, посочи министерката за финансии. 

Пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, порача дека Владата бара доверба за управување со над 440 милијарди денари јавни средства, а притоа не покажува ниту транспарентност ниту институционална одговорност за скандалот со Алта банка. Посочувајќи ја паралелата со случајот Алта банка, Битиќи истакна дека зад двете теми се препознава истата логика на нетранспарентни интереси, политички влијанија и избегнување одговорност.

Тој посочи дека Буџетот за 2027 година претставува продолжување на економски модел кој ги исцрпува развојните можности на државата, ги зголемува долговите и ги става во втор план инвестициите и потребите на граѓаните.

Вкупните расходи од 440,44 милијарди денари, дури 399,62 милијарди се тековни расходи, а само 40,82 милијарди денари се капитални расходи, што покажува дека Владата речиси 91% од парите ќе ги троши за тековно функционирање, додека само 9,3% за капитални вложувања.

Особено загрижувачки како што кажа Битиќи, е растот на средствата за камати, кои се зголемуваат за 18,2%, наспроти капиталните расходи кои растат за само 1,7%.

„За секој дополнителен денар планиран за капитални инвестиции, се предвидуваат приближно пет и пол дополнителни денари за камати. Доаѓаме до една од најважните економски пораки што произлегуваат од самиот Буџет, а тоа е дека товарот од сервисирањето на јавниот долг расте многу побрзо од новите вложувања во економската иднина“, рече Битиќи.

Битиќи  предупреди дека јавниот долг достигна 10,93 милијарди евра, наспроти 8,48 милијарди евра на крајот на 2023 година, што се дополнителни 2,45 милијарди евра задолжување, односно раст од речиси 29% за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Битиќи предупреди и дека предложениот дефицит од 3,5 проценти од БДП го надминува основното законско правило од три проценти, а Владата мора да даде конкретни аргументи за отстапувањето и неговото економско оправдување.

„Светската банка, применувајќи сопствена методологија, проценува дека во 2027 година вклучувањето на Јавното претпријатие за државни патишта го зголемува проектираниот дефицит од 4 на 4,4 проценти од БДП. Владата проектира економски раст од 3,8 проценти и инфлација од 3,2 проценти. Но според октомвриските проекции на ММФ, растот би изнесувал 3,2 проценти, а инфлацијата 4,5 проценти. Светската банка предвидува уште понизок раст, од три проценти и инфлација од 3,6 проценти. Фискалниот совет бара подготовка на алтернативно буџетско сценарио, што  е сериозно предупредување за потребата од поголема претпазливост“, рече Битиќи.

Во однос на развојните политики, Битиќи посочи дека Владата ги запоставува домашните мали и средни претпријатија, кои сочинуваат 99,8 % од деловните субјекти и за нивната развојна потпрограма се планирани само 15,34 милиони денари, додека за финансиска поддршка на инвестициите се предвидени 1,06 милијарди денари.

„Ова значи дека домашните компании се статистичко мнозинство во економијата, а периферија во политиките на Владата“, рече Битиќи.

Притоа, Битиќи порача дека овој буџет не е достоен за поддршка и пратеничката група на СДСМ и коалицијата нема да го поддржи.