Инцидент во казино во Тетово: Двајца тешко повредени додека се обидувале да разделат тепачка


Ноќеска во 01:45 часот во СВР Тетово, од Клиничка болница Тетово било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди од остар предмет биле донесени Ј.Р.(48) од село Брвеница и С.Т.(50) од село Сараќино, тетовско, се наведува во полицискиот билтен.

Според пријавеното, со повредите се здобиле при обид во казино во Тетово да ги разделат В.А.(44) од село Џепчиште и А.И.(33) од село Требош, кој бил со С.И.(26) и Ш.С.(26) од Требош, кои го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка.

Поради сериозноста на повредите, Ј.Р. бил префрлен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, додека С.Т. бил задржан на лекување во Клиничка болница Тетово.

Во врска со настанот, во 03:45 часот од слобода бил лишен Ф.Х.(34) од Требош, вработен во казиното, поради сомнение за сторено кривично дело „помагање“ во врска со „насилство“.

Статус на лишено лице има и В.А., кој поради влошена здравствена состојба бил задржан под полициски надзор во Клиничка болница Тетово, додека, пак, утрово во 08:50 часот во Полициската станица Тетово сами се пријавиле А.И., С.И. и Ш.С. и биле задржани за понатамошна постапка.

По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе следуваат соодветни пријави.