Мечот на Дарт Вејдер од двобојот во кој тој вели „јас сум твојот татко“ е продаден за речиси пет милиони долари
Далас – Светлосниот меч што го користел Дарт Вејдер во филмовите „Империјата го возвраќа ударот“ и „Враќањето на џедајот“ од филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“ беше продаден вчера на аукција за речиси пет милиони долари.
Станува збор за реквизит користен во еден од најзначајните дуели во филмската историја, во Cloud City, кога Дарт Вејдер му ја открива на Лук Скајвокер вистината со познатата реченица: „Јас сум твојот татко“.
Светлосниот меч бил продаден за 4,875 милиони долари на аукцијата „Алтимејт Стар ворс окшн“ (Ultimate Star Wars Auction), организирана од аукциската куќа „Херитиџ окшнс“ (Heritage Auctions) во Далас, САД. Според информациите од аукциската куќа, со оваа продажба е поставен светски рекорд за најскапо продаден колекционерски предмет од франшизата „Војна на ѕвездите“.
Организаторите соопштија дека е поставен и нов рекорд за реквизит од овој филмски серијал што навистина бил користен за време на снимањето, соборувајќи го јулскиот резултат, откако светлосниот меч на Лук Скајвокер, заедно со реквизитот што ја претставува неговата отсечена рака од филмот „Империјата го возвраќа ударот“, биле продадени за вкупно 3,75 милиони долари.
На истата аукција биле понудени и други бројни предмети од овој серијал, вклучувајќи реквизити од 1-9 епизода, како и предмети од други филмови и телевизиски серии. Меѓу другото, на аукцијата биле понудени уште 27 светлосни мечеви од популарниот филмски серијал.