„Нема да ви се верува што се случи претходно“ – филм што ја отвора македонската рана, но зборува и за светот
Што сè може да ви се случи во автомобил во неколку часа, доколку имате во себе интригантна снимка? Два часа без здив во Синеплекс, еден ден пред кинопремиерата , а потоа и на редовниот репертоар, медиумите и „креаторите на содржина“ денес го видоа дебито на Срѓан Јаниќиевиќ „Нема да ви се верува што се случи претходно“ кој имаше македонска премиера на 25 септември на затворањето на 47. издание на ИФФ „Браќа Манаки“ во Битола, а светската премиера беше во септември на фестивалот во Олденбург, Германија.

Политички трилер со елементи на црна комедија, во кој вистината станува опасна, новинарството е битка за опстанок, а границата меѓу политиката, криминалот и медиумите речиси и да не постои. Филм кој почнува од крајот на приказната, и не води на почетокот, со силна актерска екипа и сценарио (со работен наслов „Касапско оро“, се снимаше во средината на 2024. Идејата е на Јанаќијевиќ, сценариото е на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, а играат Никола Ристановски, Дарја Ризова, Сашко Коцев, Сара Сандева, Оливер Митковски, Атанас Атанасовски). Филм кој со својот вулгарен јазик, близок на македонското подземје, на моќните кругови, но и на „денешната младина“, отвара непријатни, но неизбежни прашања. Што се случува кога новинарот ќе посегне по вистината? Кој има интерес таа да остане скриена? И колку чини слободата во општеството во кое моќта, политиката и медиумите се длабоко испреплетени?
Ова не е само приказна за новинарството. Ова е приказна за системот, за стравот, за молкот, за ниските страсти, за злоупотребата на моќта, и за луѓето кои се обидуваат да ја зачуваат вистината во свет во кој таа често е најнепожелна работа.

Филмот природно ја отвара и асоцијацијата на трагичната судбина на новинарот Никола Младенов. Се наметнува прашањето дали станува збор за случајна тематска блискост или за потсетување на една болна рана во македонското општество. Без да се изедначуваат филмската фикција и реалните настани, паралелата е доволно силна за да предизвика размислување.
Но можеби најважното прашање е : дали е ова филм за Македонија или приказна што може да се случи во било која земја во светот? Зашто политиката, криминалот, медиумските влијанија, притисоците врз новинарите и борбата за вистината не познаваат граници. Македонија можеби ќе препознае дел од сопственото огледало, но пораката е многу поширока.
Монтажер е Мартин Иванов, композитор е Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимографка е Лидија Георгиева, дизајнерка на филмска шминка Снежана Ангеловска-Живковска, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Главен продуцент е Сашо Пешев во продукција на „Ново македонско видео“, односно „Њу момент“.
Свое обраќање на крајот од проекцијата имаше и Сашо Пешев како извршен продуцент на филмот, кој вели дека зад ова дело има навистина макотрпна работа и целиот проект бил предизвик кој вредел да се изоди докрај, со скромен буџет од Агенцијата за филм.
„Мислам дека на крај добивме навистина добра продуцентска вредност на филмот. Јас сум пресреќен и презадоволен од тоа што го направивме.Посебно во глумачкиот дел, мислам дека oвој филм е глумачки и најдобро го одработија и режисерот и глумците.Меѓутоа, и во другиот дел, визуелниот, уметничкиот, мислам дека навистина постигнавме многу. И сега кога го гледам по неколку пати, секој пат ми е интересен и секој пат наоѓам нешто ново и добро“, изјави Пешев.
Фото: „Њу момент“