Почина манекенката и актерка Туки Смит: Со Роберт де Ниро имаше близнаци
Њујорк – Американската манекенка и актерка Туки Смит почина на 75-годишна возраст. Веста за нејзината смрт ја потврдија нејзините близнаци Ајрин и Џулијан Де Ниро, кои ги доби со холивудскиот актер Роберт Де Ниро.
Како што откри „Холивуд репортер“, Смит почина во среда, 4 ноември, во болница во Њујорк, по долга борба со мултиплекс склероза.
Ајрин Де Ниро, исто така, се збогува со својата мајка на социјалните мрежи, објавувајќи нивна заедничка фотографија од минатото со трогателна порака: „Секогаш ќе те сакам, мамо“.
Таа ја сподели и фотографијата на „Инстаграм стори“ и кратко напиша: „Почивај во мир, мамо“.
Таа имаше успешна кариера во манакенството
Туки Смит е родена како Дорис Смит, а интересниот прекар по кој стана позната ѝ го дала нејзината баба. Во интервју за „Лос Анџелес Тајмс“ во 1990 година, таа раскажа како нејзината баба пронашла инспирација во детска сликовница за мало црвено противпожарно возило полно со енергија.
„Секогаш имав многу енергија“, се присети Смит во тоа време.
Својата кариера како модел ја започна во 1972 година, додека студираше на Технолошкиот институт за мода во Њујорк. Брзо се здоби со слава во светот на модата, работејќи со голем број познати дизајнери и модни куќи во текот на нејзината кариера, вклучувајќи ги Ив Сен Лоран, Живанши, Тиери Муглер, Иси Мијаке и Патрик Кели.
Исто така, носеше дизајни од нејзиниот постар брат, познатиот моден дизајнер Вили Смит, кој почина во 1987 година на 39-годишна возраст од компликации поврзани со СИДА.
Нејзините фотографии ги красеа страниците на престижни списанија како што се Vogue, Ebony, Cosmopolitan, Redbook и Seventeen, а во 1978 година, Bloomingdale’s ја именуваше за Модел на годината.
Од светот на модата, таа влезе во глумата
На почетокот на 1980-тите, таа одлучи да направи промена во кариерата и постепено се повлече од манекенството за да се посвети на глумата. Се појави во четвртата сезона на популарната телевизиска серија „Miami Vice“, во која глумеше заедно со Дон Џонсон и Шина Истон.
Една од нејзините најпознати улоги се случи во 1989 година, кога ја играше Ева Роули во комедијата „227“, во која глумеше заедно со Марла Гибс.
Во текот на 1990-тите, таа продолжи да ја гради својата актерска кариера и се појави во филмовите „Talkin’ Dirty After Dark“, „I Like It Like That“ и „The Preacher’s Wife“.
Покрај нејзиниот успех во модната и актерската индустрија, таа се обиде и во угостителството. Во Њујорк, таа отвори свој ресторан на улицата Вест Хјустон.
Таа доби близнаци со Роберт Де Ниро
Туки Смит беше позната и на пошироката јавност по нејзината долгогодишна врска со Роберт Де Ниро.
Нивната љубовна приказна започна во 1988 година, а седум години подоцна, во 1995 година, тие станаа родители на близнаците Ајрин и Џулијана. Децата беа зачнати преку ин витро оплодување и родени од сурогат мајка. Иако заедно основале семејство, нивната врска не траела долго и се разделиле во 1996 година.
Таа со години се борела со мултиплекс склероза
Смит се борела со мултиплекс склероза, хронична болест на централниот нервен систем, во последните години од својот живот. Тоа е болест кај која имунолошкиот систем го напаѓа миелинот, заштитната обвивка на нервните влакна, што го отежнува пренесувањето на нервните сигнали помеѓу мозокот и остатокот од телото.
Симптомите варираат од личност до личност и може да вклучуваат вкочанетост и пецкање, проблеми со координацијата, мускулна слабост и тешкотии при одење.
Иако во моментов нема лек за мултиплекс склероза, достапни се третмани кои можат да го забават напредувањето на болеста, да ја намалат фреквенцијата на влошувања и да ги ублажат симптомите.