Претставници на Русиja и Украина денеска во Абу Даби ќе преговараат со посредство на САД


Руски и украински претставници денеска и утре ќе се сретнат во Абу Даби (Обединети Арапски Емирати) на дводневни разговори со посредство на САД, први од февруари годинава, откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела посочи дека е можен широк мировен договор за завршување на војната, што би можел да ја инкорпорира и европската безбедност, објавија британските медиуми.

Франција, Германија и Европската комисија ќе испратат претставници на разговорите во ОАЕ, но Русија јасно стави до знаење дека не сака Европејците да учествуваат во нив.

Наместо тоа, украинската делегација ќе се состане одделно со нив за да ги информира своите европски сојузници за напредокот на разговорите, кои треба да започнат во 10:30 часот по локално време (6:30 часот по Гринич), изјавија властите во Киев.

„Правиме сè за да осигуриме дека Европа е учесник во дипломатскиот процес“, изјави вчера шефот на украинската делегација во разговорите, Рустем Умеров.

Предводена повторно од помошникот на Кремљ, Владимир Медински, како главен преговарач, руската делегација за првпат ги вклучува заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков, како и генерал-потполковник Јуриј Жигарловски од Генералштабот на руската армија.

По личната средба со претставникот на рускиот претседател Владимир Путин во Белата куќа минатата недела, Трамп предвиде дека наскоро може да се постигне мировен договор.

Американскиот претседател често пати изјавуваше дека се наближува крајот на најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, но досега не е постигнат договор, забележуваат британските медиуми.

Нема јавен знак дека Путин е подготвен да се повлече од неговото инсистирање Украина да го предаде целиот источен регион Донбас пред да се постигне мировен договор.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, цврсто одбива да отстапи територија за чија одбрана, како што повеќепати кажа, „загинаа украински војници“.

Во пресрет на разговорите, Зеленски рече дека позицијата на Украина во разговорите се зајакнува со нејзините неодамнешни успеси на бојното поле, кои вклучуваат враќање на дел од територијата во богатиот со јаглен регион Донбас.

„Украинските трупи сега навистина ја зајакнуваат преговарачката позиција на Украина“, рече Зеленски во видео обраќање синоќа. Тој рече дека Русија трпи „рекордни загуби“ – тврдење што Москва го оспори – и го повика Вашингтон да го убеди Кремљ да ја заврши војната.

Американските преговарачи веруваат дека Зеленски и Путин можеби се подготвени да направат компромис по клучното прашање за територијата, при што секој ќе се откаже по малку, изјави американски функционер.

Според предложениот договор, Украина ќе добие мировен договор, безбедносни гаранции и мапа на патот за членство во ЕУ.

Висок украински функционер категорично негираше дека неговата влада разгледува такви отстапки. 

Прашањето за територијата може да се дискутира само на ниво на лидери и само во контекст на соодветни гаранции за безбедноста на Украина, рече тој.

Прекинот на нападите врз енергетската инфраструктура што го објави Трамп минатиот месец не траеше долго. Украина ги засили нападите врз руските рафинерии во последните недели, а Москва нападна украински електрани и градови.

Минатата недела, Трамп рече дека пратениците разговарале за поширок безбедносен договор што би можел да ја вклучи цела Европа, без да даде дополнителни детали.

„Тоа би било голема работа и би се протегало подалеку од Украина“, рече американскиот претседател.

Неговите коментари предизвикаа реакција од некои европски претставници, кои рекоа дека сите разговори за европската безбедност бараат директно вклучување на засегнатите влади и дека Русија не треба да биде вклучена во обликувањето на европската безбедносна политика.